Во село Буриловци во Овчеполско нема ниту „добар ден“ кој да ти каже. Селските кучиња со размрдан опаш се првото добредојде. Пријателски расположени затоа што ретко гледаат луѓе во нивната околина.
Ова село е жив сведок на тажните процеси на иселување. Мало, но со прекрасна природа – сместено на рамнината помеѓу Свети Николе и Пробиштип, Буриловци е едно од селата целосно испразнети помеѓу пописот од пред дваесет години и оној последниот од 2021 година.
Ова мртво село го посетуваат оние кои израснале таму, а сега доаѓаат само за да си ги обработат нивите. Еден од нив е Делчо Донев, кој 25 години од животот ги минал во Буриловци, а сега се присетува на тоа, живеејќи во околните понаселени села.
„И тогаш немаше многу народ, но сепак селото живееше на некој начин. Сега нема никој. Само еден човек што чува овци таму. Тоа е, пусто село, нема ништо. Јас кога бев таму во селото немаше струја. После не знам колку години еве сега има струја, а пат нема. Црн пат, тоа е“ нѝ изјави Делчо Донев. По кал и без асфалт се стигнува до Буриловци. Тракторот е најефикасно превозно средство. И ваква е судбината на ова село како и на повеќе 200 други села коишто се дел од „црните статистики“ од последниот Попис.
Но, иако полека се губи од мапата, историјата ќе го памети ова мало село во Вардарскиот регион.
„Зад мене е една од најстарите цркви во Македонија и во Овчеполието. Корените и се во деветтиот век, а градбата потекнува од XV век. Не се знае од окој Aрхијереј е осветена. Сега црквата е споменик на културата во Mакедонија. Но, околината изгледа целосно запуштено и како овде одамна никој да не стапнал.“ Со забрзано темпо се празнат и други македонски села. За разлика од пописот во 2002 година, кога биле избројани 147 испразнети населени места, за 20 години, бројката е зголемена на 205.
Во дури 218 населени места има помалку од 10 жители. Социолозите коментираат дека овој процес за жал е неповратен.
„Ние селата сѐ уште ги третираме во таа архаична насока и фактички тие самите се под притисок дека мораат некаде да заминат, дека стандардот во којшто живеат е супстандард, дека сите модерни нешта со кои треба да располагаат не им се достапни, дека инфраструктурата им е катастрофална. Има еден нов синдром, тоа е синдромот на „празни гнезда“. Многу празни домови, многу празни семејства, многу оставени родители. Ние влегуваме во тие држави коишто имаат празен простор“ смета проф. Д-р. Ѓорѓи тоновски, социолог.
Си замина и уште една година со овој неповратен процес на иселување, а селата кои сѐ уште не се нашле во црните пописни статистики, ќе „живеат“ благодарение на сѐ повозрасното население кое мирот и спокојот не го замениле за бучната градска средина.