До крајот на март во ниту една здравствена установа во Виница, Вевчани, Прилеп, Пехчево, Неготино, Кавадарци или Кочани, нема слободни термини за интернистички прегледи. Ако сте итен случај, најверојатно прегледот ќе мора да го платите приватно...
Доколку живеете во Виница, Вевчани, Прилеп, Пехчево, Неготино, Кавадарци или Кочани, а имате потреба од интернистички преглед ќе треба да почекате најмалку три месеци. Според веб сајтот на „Мој термин“ до крајот на март во ниту една здравствена установа во овие градови нема слободни термини. Ако сте итен случај, најверојатно прегледот ќе мора да го платите приватно.
Дека проблем постои и системот „Мој термин“ не функционира алармираат и матичните лекари.
„Проблемот за да се фатат термини за кај интернист за нега веќе претставува огромен стрес за сите матични доктори. Не успеваме да ги задоволиме потребите на нашите пациенти, заради тоа што ако имам 20 пациенти за нега ќе успеам да фатам шест термини другите остануваат неуслужени, незадоволни. Можам да кажам дека некогаш сме блокирани за приоритетни упати, блокирани дури и за итни. Така и тогаш имаме проблем како да ги пратиме пациентите, а имаат потреба да се упатат до секундарно ниво“, изјави д-р Лилија Чолакова Дервишовска – матичен лекар.
Доктор Чолакова – Дервишовска вели крајно време е да се направат измени во „Мој термин“. Не може пациенти со тумор со месеци да чекаат за ехо на дојка, простата или други дијагностички процедури. За која специјалност и во која здравствена установа најдолго се чека за преглед, конкретен одговор не добивме од Министерството за здравство.
„Во однос на слободни термини за интерна медицина, во моментов во зависност од установата и градот има и денес, а во Скопје за 7 дена, но ова е променливо“ – велат за МТВ од ресорното министерство.
Недостигот на лекари специјалисти, особено во внатрешноста на државата е сериозен проблем и причина за долго чекање на термини за преглед. Исто толку важно е и обезбедувањето на здравствените установи, со нова апаратура за дијагностика, нешто што од здравство го ветуваат.