Франција и Германија најавија план за зајакнување на меѓусебните железнички врски.
Овие две земји го поддржуваат воспоставувањето на брза железничка линија помеѓу Париз и Берлин и услугите на ноќниот транспорт кои се најавени за 2024 година, се истакнува во заедничкото соопштение објавено после состанокот на Макрон и Шолц во Париз.
Во рамки на проектот е и до следното лето да се обезбедат карти за младите кои ќе им го олеснат патувањето помеѓу двете држави.
Од француските и германските железници кои се во сопственост на државите уште од порано беше најавено дека имаат во план до следната година да воспостават линија со брз воз.
Патниците кои се загрижени за животната средина се повеќе бараат опции како што е патувањето со воз со цел да се намалат климатските ефекти кои ги предизвикуваат авионските летови. Една од дестинациите за која има голема побарувачка е и Париз-Барселона.
Администрацијата на претседателот Макрон планира да врати и некои ноќни возни линии како онаа помеѓу Париз и Ница каде што со години не се вложувало. Францускиот претседател изјавил и дека ќе воведе забрана за домашни летови кои не трааат подолго од два часа и за кои е достапен алтернативен транспорт, но оваа мерка се уште не е на сила.
Моментално патувањето со воз помеѓу Париз и Берлин трае околу осум часа, а некогаш и повеќе. Од друга страна Париз и Франкфурт веќе се поврзани со брза пруга.
Макрон и Шолц имаа официјална средба во неделата во Париз на обележувањето на шеесетгодишнината од потпишувањето на Јелисејскиот договор.