Во Македонија досега имало повеќе обиди да се воведе задолжителен бакшиш, но сè уште тој е оставен на волјата на гостите. Но, со оглед на кризата и ситуацијата во која се наоѓаме, бакшишот во угостителските објекти речиси не постои. Сè помалку гости имаат култура и навика за услугата што ја добиваат да ги наградат келнерите, на кои, пак од друга страна, главна мотивација и доказ за нивната вредна работа им е висината на бакшишот што ќе го добијат. За разлика од кај нас, во многу земји во светот бакшишот во кафеаните, рестораните и кафулињата е задолжителен, а сумата која треба да ја издвојат гостите се движи од 5 до 20 отсто
Во Канада и САД бакшишот е задолжителен и се движи од 15 до 20 отсто, слична е ситуацијата и во поголем дел од европските земји, а бакшишот изнесува од 10 до 15 отсто од износот на сметката. Бугарските ресторани неодамна побараа 10 отсто задолжителен бакшиш, а интерес да се регулира постои и во Хрватска. Концептот на бакшиш во моментот не постои во хрватското законодавство, па собраниот бакшиш се третира исто како и основниот приход. Со воведувањето на бакшишот во даночниот систем, тој станува приход што не се даночи до одреден износ на годишно ниво. Сите приходи од бакшиш над договорениот лимит за ослободен данок ќе се даночат како друг приход.
Извор: vecer.press