Македонските граѓани купуваат мали монтажни куќи со површина од 20, 30 или 40 квадрати. Дел од нив ги користат како викендички, а некои и за постојано живеење.
Би можело да ве интересира: Како до стан на море? - Еве ги деталните цени
Овие куќи веќе стануваат хит во соседството, според пишувањето на српските медиуми, но се очекува дека и кај нашите граѓани интересот за нив ќе расте со текот на годините. Предности се лесното одржување, затоа што се работи за мал простор. Од компаниите кои ги изработуваат велат дека на клиентите им се допаѓаат затоа што имаат низа предности.
„Им се допаѓа изолацијата и наместо да чекаат неколку години да се изгради куќа, тие клуч на рака добиваат за брзо време. Ги има со различна површина, квадратура. Има интерес од луѓе од различни градови и очекуваме дека тој интерес ќе расте во иднина“, велат за faktor.mk од компанија која се занимава со изградба на вакви куќи.
Oд друга компанија раскажуваат дека граѓаните купуваат монтажни куќи, секој според желбите. Некој одбира мала куќа од 40 квадрати, а некој и со површина од 200 квадрати.
„Малите куќи ги земаат за викендици, но и за живеење. Пред месец дена продадовме три, во скопско и во внатрешноста. Луѓето слушаат еден од друг, кога ќе видат дека се убави, очекуваме дека повеќе ќе ги бараат. Тие се од еко материјали, огноотпорни и добро е што за еден месец луѓето добиваат клуч на рака“, додаваат од оваа компанија.
Трендовите се менуваат. Ако до лани малите монтажни куќи ги купуваа за викендици, сега луѓето сè почесто ги бараат за да живеат во нив.
„Вие да сакате куќа да градите нема мајстори, не можете да најдете и тоа станува проблем во Македонија, а овие монтажни куќи се квалитетни, отпорни на земјотрес, имаат добра звучна изолација и луѓето добиваат клуч на рака за 50 дена“, објаснува соговорникот за faktor.mk, Мартин Маневски.
Инаку, овие монтажни куќи се поприсутни на Запад, но сега стануваат популарни и во регионот. Српските медиуми пишуваа дека луѓето купуваат мали монтажни куќи со цел побрзо да се осамостојат и да имаат свој простор за живот. Шведска е една од земјите каде монтажните живеалишта се застапени во голем број, а истите се атрактивни и во Швајцарија, Германија, Британија и други држави.