Денес повеќе од секогаш, изгледа дека разликата помеѓу „женските“ и „машки“ професии не постои. Двете дами кои ги рушат сите предрасуди кај нас се Марија Цветковска и Сања Богдановска.
И двете се остварени сопруги, и мајки а денес го живеат сонот од детството. Возат автобуси во ЈСП. Ова не така вообичаено занимањe за жени Марија го избрала по примерот на машките членови од семејството. Возачи биле нејзиниот татко, чичковци, дедовци. Сања пак уште од мала мечтаела да вози автобус,а желбата пораснала и покрај нејзиниот татко кој бил вработен во ЈСП.
Иако не е ниту малку лесна работа, која бара голема концентрација и претпазливост, Марија и Сања велат дека е доста интересна.
За Женски магазин, тие ја раскажаа нивната автобуска приказна.
Марија Цветковска има 39 години. Мажена е во Драчево за Горанчо кој е нејзин колега, возач на автобус. Плод на нивната љубов се двете деца-ќерката Матеа (7) и синот Михаил (4).
Сања Богдановска има исто 39 години. Таа е сопруга на Јовица и мајка на три прекрасни деца: Марко 18 години, Петар 14 и Јана 2 ипол години. Живеат во Автокоманда.
ЖЕЛБА ДА ВОЗАТ АВТОБУС ПРЕГОЛЕМА УШТЕ ОД МАЛИ НОЗЕ
- Желбата за возење започна на најрана возраст. Можам да кажам дека голем дел од возењето го научив само со гледање што прави татко ми додека вози. Само што почнав да ги стигнувам педалите седнав да возам. Тоа беше некаде на 13 годишна возраст. Постепено низ годините се појави желба за возење на габаритни возила. На 21 година полагав за камион и релативно подоцна на 28 години полагав за автобус. Желбата за возење беше многу голема и две години откако ја земав возачката се вработив во ЈСП, ја почнува приказната Марија.
Од друга страна упорноста на Сања и сонот да биде возач на автобус и сѐ исполниле во 2012 година кога се вработила во ЈСП.
- Желбата да возам е од мали нозе . Во ЈСП се вработив во 2012 година и тогаш мојот сон се исполни. Патот беше тежок. Конкурирав неколку пати на огласите, но упорноста и храброста победија, раскажува Сања за Женски Магазин.
Колку жената може да биде успешна во машка професија
- Според моето мислење не постои женска и машка професија. Оваа професија е исклучително тешка и одговорна, бара многу концентрација и добра кондиција. Со оглед на сите обврски што ги има жената во домот и семејството работава е многу напорна. Мислам дека со текот на времето мажите не прифатија како дел од тимот (се смее). Жената може да успее во секоја професија доколку е одлучна и точно знае што сака, вели Марија.
- Мислам дека жените можат да се снајдат во секој поглед во работата, не е потребно сила потребно е памет, жените се повеќе, внимателни по културни и повеќе внимаваат на сообраќајните правила, вели Сања.