Статистичките податоци покажуваат дека во 2022 година за дури 15 милиони патници е намален бројот на превезени патници во споредба со периодот од пред појавата на ковид-19 пандемијата
На градско-приградските линии од скопскиот јавен превоз лани биле превезени нешто помалку од 28,5 милиони патници, што е за фрапантни 15 милиони патници помалку во споредба со бројот на превезени патници што ЈСП-Скопје го имал пред почетокот на ковид-19 пандемијата. За експертите ова се катастрофални резултати во работењето и бараат час поскоро да се вратат приватните превозници во сообраќај и претходниот возен ред, кој подразбираше поголем број на поаѓања на автобусите на линиите.
Според Годишниот извештај за работењето на ЈСП-Скопје за 2022 година, бројот на превезени патници лани изнесувал 28.496.000 патници. Во споредба со 2021 година, забележан е раст кај бројката на превезени патници од 5.360.000, но треба да се земе во предвид фактот дека токму во 2021 и 2020 година, во услови на ковид-19 пандемијата, во одредени периоди беа воведени полициски часови со ограничување на движењето на граѓаните, се одвиваше он-лајн настава во училиштата, а голем број од граѓаните работеа од дома.
Откако се олабавија мерките, скопскиот јавен превоз се врати во нормала со сообраќањето на автобусите до минатата есен, кога приватните превозници од „Макекспрес“ и „Слобода превоз“ престанаа да возат, а ЈСП-Скопје ја презеде обврската да ги одржува сите градско-приградски линии во Скопје. Сепак, статистичките податоци покажуваат дека во 2022 година за дури 15 милиони патници е намален бројот на превезени патници во споредба со периодот од пред појавата на ковид-19 пандемијата.
Целиот текст прочитајте го на: meta.mk