Отворањето на двете нови патарини на автопатот Миладиновци-Штип, Преод и Кадрифаково, на почетокот на јули 2022 донесе рекордни приходи за „Државни патишта“ за дополнителни два милиони евра за само три месеци.
Извештајот од ланскиот трет квартал што го објави државното претпријатие покажува дека во месеците јули, август и септември биле наплатени 18,185 милиони евра, што е за 12,6 отсто повеќе во однос на истото тримесечие од 2021 година.
Инаку, граѓаните кои возат автомобил, двете патарини ги чинат дополнителни 240 денари во двата правци. Оваа делница беше последната на која што немаше изградено наплатни станици на автопатската мрежа низ земјава.
Автопатот Миладиновци - Штип беше пуштен во употреба во јуни 2019 по речиси две години одложување, а за патарините се чекаше три години. Возачите кои патуваат од Скопје до Штип плаќаат и патарина кај Куманово која чини 40 денари.
Од 1 јуни 2022 година истече и времената владина антикризна мерка со која беа намалени цените на горивата, акцизите и ДДВ-то. Драматичниот раст на цените на нафтата и нафтените деривати се поклопува со овој период во кој ЈПДП има зголемување од дури 42 отсто кај приходите од дел од акцизата за горива.
Акцизата му донела на „Државни патишта“ за три месеци 22,7 милкиони евра, што е најголем приход од сите ставки. Раст има и од наплатата при регистрации на возила од 504 на 542 милиони денари.
Севкупната наплата на претпријатието од граѓаните е огромни 50 милиони евра од 1 јули до 31 септември лани, а растот е 23,3 отсто. Трошоците од работењето истовремено се многу помали, па добивката во овој квартал е 41,8 милиони евра.