Германскиот голем трговски синџир „Лидл“ ја купил локацијата на „Бриколаж“ од компанијата „Скопски пазар“, дознава Фактор ексклузивно.
Таму се очекува да никне првиот маркет на Лидл во земјава, кој нашите граѓани со нетрпение го очекуваат, а во меѓувреме масовно пазарат од маркетите на Лидл во Грција, но и во соседна Србија, се разбира кога ќе имаат прилика да ги посетат тие држави.
Набргу се очекува да се случи и официјалната трансакција, а засега нема информации која е постигнатата сума.
Во февруари 2021 година Лидл ја регистрираше својата компанија во Македонија, а ќе биде управувана од бугарската филијала.
Според описот на нивните надлежности и ограничувања,Лидл“ планира да вложи над 10 милиони евра во продавница и да купи земјиште поголемо од 10.000 квадратни метри.
Лидл има 100 продавници во Бугарија на 49 локации и вработува 3.000 работници, а има експанзионистички план за оваа година за отварање на уште пет маркети и вработување на уште 250 луѓе. Нето-профитот за 2019 во Бугарија бил 41,25 милиони евра.
„Лидл“ во соседна Србија е присутен од 2018 година и до сега има вкупно 41 објект. Во Хрватска работи од 2006 година. Трговскиот синџир оперира во 30-тина земји во Европа, со околу 11.000 продавници, а присутен е и во САД. „Лидл“ секој ден опслужува по околу 10 милиони купувачи.