-Доколку луѓето не фрлаат нови и не произведуваат легла и со тоа што ние ќе стерилизираме, видливо ќе се намали бројот по три години. Затоа што кучињата се изложени на студ, на топло, страдаат во сообраќај, едноставно улично куче има во просек три до пет години животен век.
Директорката на „Лајка“ Пешева во изјавата за МИА нагласува дека со акцијата сакаат да почнат да работат плански по програмата „Залови, стерилизај, врати“. Тоа значи одење од општина по општина и што е можно повеќе нетретирани кучиња да го поминат третманот, да поминат тест за социјализација и да се вратат здрави на територија, а дел од нив и да вдомат. Со овој план треба да бидат опфатени сите општини на територија на Град Скопје.
За да програмата има успех, Пешева смета дека тоа треба да се прави во континуитет и масовно, редовно, секој ден, без престан.
Програмата подразбира дека на цела територија на Скопје, кучињата кога ќе бидат репродуктивно онеспособени, нивниот број во еден момент ќе запре, нема да има нови, а истите овие кучиња ќе ја штитат територијата од прилив на нови и непознати. Програмата е препорачана како економски исплатлива, бидејќи, како што појаснува Пешева, невозможно е со шест илјади кучиња (со колку што се шпекулира дека имаме) да се употреби политика на стационирање.
Според директорката на „Лајка“, бездомно куче живее од три до пет години и затоа се смета дека оваа програма за две до три години може да даде резултати доколку престане приливот на нови кучиња.
Таа уште еднаш го лоцира проблемот кај сопствениците.
-Доколку луѓето не фрлаат нови и не произведуваат легла и со тоа што ние ќе стерилизираме, видливо ќе се намали бројот по три години. Затоа што кучињата се изложени на студ, на топло, страдаат во сообраќај, едноставно улично куче има во просек три до пет години животен век. И затоа се смета за хумана програма, дека едноставно ги оставате на слобода, а тие се сепак контролирани, не шират болест, не се размножуваат и стануваат дел од урбани маалски миленици, нагласува Пешева.
Таа апелира до сопствениците на кучиња, но и до општините да помогнат и да не се изземаат од нивната одговорност за борба со бездомната популација.
- Општините треба да ги потсетуваат своите граѓани преку разни кампањи за своите обврски дека законска обврска е да се микрочипира миленикот, да се шета на поводник, по можност да не се размножува зашто секое едно куче кое оставило пород е комунален проблем, нагласува Пешева во изјавата за МИА.
Директорката на „Лајка“ вели дека кога би се заловувале 15 кучиња на ден нема да може да ги процесираат, затоа што капацитетот на стационарот е околу 120 бокса.
- Во „Лајка“ е секогаш полно зашто кучињата се во некој дел од процесот – или чекаат крвна слика, тест за лишманија, постоперативно се држат или предоперативно, во секој случај повеќе од 15 дена гледаме да не останат, дури и пократко, по десет дена за да може брзо да работиме и повеќе кучиња да третираме, појаснува Пешева.
Во „Лајка“, како што рече, моментално има 160 кучиња, убави и здрави кои бараат дом. За секој човек кој сака да вдоми куче, во „Лајка“ има за сечиј вкус.
- Луѓето го креираат проблемот, сите треба да бидеме подеднакво одговорни за да добиеме резултат, порачува Пешева, апелирајќи до граѓаните да пријавуваат нови кучиња на нивните локации.