Со фотографии од поставена шепа на нејзиниот автомобил и фискална сметка за платена казна од 3000 денари, велешанката Билјана Гаврилова обвинува дека Градски паркинг – Скопје ги дискриминира лицата со попреченост од другите градови.
Таа тврди дека своето возило на кое имало налепници кои служат како доказ дека автомобилот припаѓа на лице со попреченост, го паркирала на обележано место за хендикепирани лица кај Транспортниот центар во Скопје, но добила казна затоа што имала велешки регистарски таблички, иако пратила СМС на време и го платила паркингот. Во изјава за Канал 5 таа раскажува дека во моменото била со својот сопруг кој исто така е лице со попреченост. Вели огорчена сум и разочарана, бидејќи ваква диксриминација нема нигде.
Иако Билјана вели дека Директорот на Градскиот паркинг лично ѝ се извинил и кажал дека парите ќе и бидат вратени, тој не одговори на нашите повици. Од Градскиот паркинг ни дадоа ни писмено образложенија за случајот.
Според логиката на правилата на Градскиот паркинг, инвалидитетот на лица од внатрешноста, во Скопје не важи. Невообичаено за овој случај е и тоа што доколку се паркирале на било кое друго место, а не она што е обележано за нив, немало да имаат никаков проблем.
Од Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет – Мобилност Македонија, велат дека борбата за крај на дискриминацијата ќе ја продолжат на суд.
Последниот сличен случај што предизвика низа реакции во јавноста се случи пред два ипол месеци кога лице со телесен инвалидитет од Делчево и покрај уредно платен билет за паркинг пред Клиниката во Скопје, доби шепа на возилото и исто така плати казна.