Во текот на долгогодишните истражувања на Охридското Езеро секогаш се евидентирале различни промени во неговиот жив свет, кои по правило се резултат на влијанието на човекот.
Загадувањето и неконтролираниот риболов на грабливките, односно пастрмката, белвицата и јагулата придонесоа за намалување на нивната популација, поради што нивниот животен простор во последниот период го заземаат другите видови риби, поточно плашицата…
Во последните неколку години видливи се промените во рибната населба на Охридското Езеро, пред сè на меѓусебните односи на грабливките и другите риби. Предаторите претставени од пастрмката, белвицата и јагулата во последниот период се наоѓаат во некоја поповлечена форма за разлика од минатото кога беа доминантни и на тој начин го одбележуваа неговиот карактер како пастрмско езеро. Притисокот на човекот врз ендемичните риби е постојан со што им се нанесуваат огромни штети на нивните популации, велат експертите.
Би можело да ве интересира: Во Европа веќе се чувствуваат првите знаци на суша
„Плашицата којашто порано живееше по крајбрежните делови на езерото во зимските периоди, односно зимуваше, одамна тоа не е забележано, го сменува своето живеалиште и се раширува преку целото езеро, односно ги зазема еколошките ниши на пастрмката којашто порано беше доминантна во езерската шир“, изјави Зоран Спирковски- експерт по хидробиологија и рибарство.
Бројноста на пастрмката со години наназад опаѓа поради неконтролираниот риболов и рибокрадството, а барем засега белвицата како втора благородна риба сè уште се одржува на некое соодветно ниво. Но, прашање е до кога, вели Спирковски.
„Имаме значи докази, снимен видеоматеријал каде што плашицата престојува сега на природните мрестилишта на охридската пастрмка, што порано никогаш не било случај. На тој начин се намалува ефектот на природно размножување на пастрмката, коешто понатаму води до уште понегативни последици“, додава Спирковски.
Често се зборува за зачувувањето на статусот на Охридскиот регион во УНЕСКО, меѓутоа се чини дека повеќе се става акцент на она што се случува надвор од езерото, а многу помалку за состојбата на рибниот фонд на пастрмката и белвицата, кои со децении немилосрдно се изловуваат од рибокрадците.