Соопштение на Град Скопје:
На денешната прес конференција во Градот Скопје, градоначалничката Данела Арсовска ги презентираше предложените точки кои се на дневен ред на седницата пред советниците од Советот на град Скопје и за кои тие денес треба да гласат.
Градот Скопје мора да биде модерен град во кој хуманото живеење, квалитетен и стандардизиран транспорт, имплементација на иновации за заштита на животната средина и проекти за квалитетна инфраструктура не се исклучок туку секојдневие.
По тој повод на денешната седница на Советот на град Скопје предложивме неколку точки за кои очекуваме дека советниците ќе ја дадат својата недвосмислена поддршка и ќе се вклучат кон реализација на програмата „За Модерно Скопје“ која ја избраа 120.000 граѓани на градот Скопје.
Би можело да ве интересира: Можно враќање на евтината струја и преку ден, еве од кога!
Пред советниците денес ќе се најде одлука која тие треба да ја гласаат за субвенционирање при набавка на нови еко возила на хибриден или електричен погон за граѓани и за такси-превозници, пилот проект кој за прв пат се имплементира во Македонија и со кој градот Скопје ќе субвенционира 200.000 денари по возило. Овој проект на градот Скопје е дел од ветувањата од програмата „За Модерно Скопје“ а во оваа фаза го лансираме како пилот проект со кој се детектираат потребите и интересот кај граѓаните.
На овој начин ќе се придонесе за дополнително намалување на загадувањето особено во сегментот од испуст на издувни гасови во атмосферскиот воздух од возилата, а едновремено има компонента на поттик на модернизација на јавниот такси превоз во главниот град по примерот на Европските метрополи.
На оваа седница на Советот на Град Скопје, од советниците бараме и поддршка за набавка на нови еко-автобуси кои ќе немаат емисии на загадување во воздухот и кои ќе ги заменат старите и дотраени автобуси, кои не нудат задоволително ниво на услуга за граѓаните. Со набавката на нови еко-автобуси дополнително ќе се подобрат условите во јавниот превоз, ќе се стандардизира услугата за сите граѓани на градот, ќе се намалат трошоците, а што е и најважно ќе го намалиме негативниот ефект врз животната средина.
Дополнително, на денешната седница на Советот на град Скопје предлагаме и меѓуопштински соработки со неколку општини во кои градот Скопје ќе инвестира во реконструкција на улици, пешачки зони и велосипедски патеки.