Податоците за трошоците за изнајмување станови за 2022 година беа објавени во петокот од германската федерална служба за статистика во Визбаден. Според овие податоци, 3,1 милион домаќинства трошат најмалку 40 отсто од месечните приходи за кирија.
Во просек, трошокот за кирии лани изнесувал 27,8 отсто од основниот приход на домаќинството.
За приближно 6,6 милиони домаќинства што изнајмиле во 2019 година или подоцна, коефициентот на оптоварување со киријата беше 29,5 проценти, 2,7 процентни поени повисок отколку за приближно 2,7 милиони домаќинства што потпишале закуп пред 1999 година (26,8 проценти).
Соодносот на трошокот на киријата го покажува учеството на т.н бруто трошоци за кирија во основниот приход на домаќинството.
Бруто трошоците се состојат од основна закупнина и трошоци кои се плаќаат на сопственикот. Тука, меѓу другото, спаѓаат и месечните оперативни трошоци за одржување на чистотата на зградите и улиците, собирањето смет, хигиенските услуги, чистењето на оџаците и кабелското поврзување.