Македонските граѓани кои работеле во странство, но и од агенциите кои носат работници во други земји, велат дека нашинците таму се попродуктивни, поoдговорни кон работата, затоа што во спротивно ризикуваат да бидат казнети или да го изгубат ангажманот.
Македонските граѓани кои работеле во странство, но и од агенциите кои носат работници во други земји, велат дека нашинците таму се попродуктивни, поoдговорни кон работата, затоа што во спротивно ризикуваат да бидат казнети или да го изгубат ангажманот.
Објаснуваат дека во текот на работното време, точно е регулирано колку трае паузата, а секое доцнење на работа или неизвршување на обврските си носи последици. Љупчо Георгиев од фирмата „Изгрев инженеринг“ од Велес која ангажира работници надвор од земјава, објаснува дека работното време таму е 8 часа, на работниците им следува половина час пауза, а самата подготовка за работа, патувањето до работното место или заминувањето, не се сметаат како дел од работното време.
„Работниците се попродуктивни затоа што таму сè е регулирано со казни, а ако не ги почитуваат правилата, прописите, законите, можат да ја изгубат работата и да бидaт вратени назад“, рече Георгиев.
Можеби ќе ве интересира: Хрватска бара над 110.000 сезонци и тоа само за три сектори
Тој додава дека кај нас работниците се однесуваат поопуштено, затоа што општата атмосфера е таква во државата, платите во многу сектори се ниски, но и навиките од претходниот систем си имаат удел. Георгиев е со став дека ако македонските работници бидат попродуктивни на работните места во земјава, секако би било подобро за нив и би земале повисоки плати.
Друг посредник кој носи сезонци во Хрватска, објаснува дека тамошните газди плаќаат, но и си бараат посветена работа.
„Газдите обезбедуваат и сместување со цел работниците да бидат поблиску до работното место, за да бидат попродуктивни. Пропуст или доцнење може еднаш да се толерира, но веќе вторпат работникот можат да го вратат дома. Едноставно, си бараат посветена и квалитетна работа. Тие живеат за таа сезона од неколку месеци, така што во мај или септември не е ударно, нема толку гости, а со тоа нема ни некој голем обем на работа“, додава посредникот.
Тихомир Давчев кој работи во Оман вели дека во текот на работниот процес има пауза за ручек.
„За цигари не баш, бидејќи скоро никој не пуши тука и не смее да пуши на работа ниту пред зграда. Оманците велат дека пушењето не дава ништо полезно, а и не изгледа убаво, посебно за жените. За продуктивноста не се зборуваше многу тука, но сега се воведуваат performance management systems и ќе се мери“, изјави Давчев.
Според податоците на Евростат за 2022 година, македонските работници се едни од најмалку продуктивните во Европа заедно со српските, албанските, турските, црногорските работници.
Најпродуктивни на европско тло се работниците во Ирска, Луксембург, Белгија. На просторот на поранешна Југославија, Словенците се најпродуктивни.