Од почетокот на годината штипската Клиничка болница работи со 100 вработени помалку. Дел од медицинскиот кадар заминал во пензија, дел во странство, а дел во приватните ординации.
Се бараат сите профили на вработени, лекари, медицински сестри, акушерки, болничари, хигиеничари и технички персонал. Две и пол години, раководството на болницата се соочува со недостаток на кадар и постојано бара од Министерството за финансии да одобри нови вработувања. Последното барање е за 48 вработувања, од кои најмногу, односно, 15 се лекари.
-Искрено се надевам, чекам во секој момент да моите барања што ги упативме пред месец, месец и половина и кои што во моментот се во Министерството за финансии ќе бидат позитивно одгворени и за многу брзо време ќе ги добиеме новите вработени во Клиничка болница - Штип, изјави Ален Георгијев, директор на Клиничка болница - Штип.
Медицински сестри и болничари недостасуваат на сите одделенија во болницата, а лекари на одделите за ортопедија, очни болести, за инфективни болести и анстезиолози.
-Во јануари замина една докторка во приватна ординација, сега од почетокот на април еден доктор заминува на годишен одмор, а потоа во пензија. Имаме тројца анестезиолози, но ние сме имале ситуација и пред година, година и половина да имаме ваков број на анестезиолози, меѓутоа со нивниот несебичен ангажман и вложен труд, тоа не се чувствува многу на сите оддели кои зависат од работата на одделот за анестезија, додаде Георгијев.
Георгијев додаде дека за сега успеваат да ја менаџираат ситуацијата во болницата и не се откажуваат хируршки интервенции.