Од безбедносни причини и за да се заштитат посетителите за време на туристичката сезона, популарната плажа „Навагио“ на грчкиот остров Закинтос, ќе биде затворена до крајот на октомври годинава.
Минатиот месец, Организацијата за антисеизмичко планирање и заштита на Грција (ОАСП) излезе со препорака да се забрани пристапот до плажата, откако научниот тим констатирал голема опасност од лизгање на земјиштето поради ерозија, а сега преку министерска одлука објавена во Службен весник, забраната и официјално е воведена, со што „Навагио“ ќе биде затворена до 31 октомври 2023 година.
Со одлуката, се забранува пристап до плажата и од копно и од вода, а за прекршување на забраната, предвидени се административни казни.
Би можело да ве интересира: Колку чини одмор во Грција: Цени за сместување за 2023 година
Претседателот на ОАСП Ефтимиос Лекас за грчката телевизија ЕРТ објасни дека има последователни одрони, а постоеле обиди од научниот тим да се одредат зони на плажата, меѓутоа без резултат, бидејќи во тек биле нови големи одрони.
Додаде дека се во разговори со надлежните и инволвираните страни за да се изнајде решение кое „од една страна нема да има финансиско оптоварување за жителите на Закинтос, а од друга страна да постои потребната безбедност за туристите.
И на почетокот на септември минатата година со одлука на Координативното тело за цивилна заштита на периферијата на Закинтос беше забранет пристапот до „Навагио“ од безбедносни причини.