Килограм домати и краставици ќе чинат максимум 95 денари, гравот ќе се продава за 95 денари, а кромидот поскапува за десет денари. Владата ги коригираше дел од замрзнатите цени на овошјето и зеленчукот.
Владата ги коригираше цените на дел од замрзнатите цени на овошјето и зеленчукот. Во пресрет на празниците, килограм домати и краставици ќе чини максимум 95 денари, килограм пипер ќе достигне цена до 100 денари, а гравот ќе може да се купи за 95 денари. Кромидот поскапува за десет денари и ќе се продава за 70 денари, а леќата ќе рипне на 110 денари.
Според владината Одлука, килограм банани ќе чини до 75 денари, килограм портокали до 60, килограм мандарини до 65 и килограм лимони до 60 денари. Одлуката ќе биде на сила до крајот на април. Во меѓувреме инспекциите се на терен и вршат контроли дали се почитуваат владините мерки.
„Контролите ќе продолжат, ситуацијата секојдневно ќе се следи и ако е потребно, повторно ќе се интервенира доколку забележиме намалени увозни цени. Граѓаните да бидат спокојни“, порача денеска министерот за економија.
Корекцијата на претходно замрзнатите цени се носи поради повисоките увозни цени коишто ги пријавиле увозниците. Последната недела, според министерот за економија, се забележани зголемени увозни цени за над 30 отсто на одредени производи како што се доматите, краставиците, кромидот и гравот.