Во јавниот сектор во државата во 2022 биле вработени 129 374 луѓе. Во споредба со 2021 бројот се намалил за 1 809, пишува Порталб.мк. Но, вкупниот број на вработените во јавниот сектор не соодветствува со вкупниот број на пополнети работни места, од причина што има вработени пред сѐ во областа на образованието и во здравството кои пополнуваат работни места во две или повеќе институции на јавниот сектор.
Вработени во министерства, агенции, инспекторати…
Еден од ресорите со најголем број на вработени е Министерството за внатрешни работи со 11 694 лица. Во образованието се вработени 37 231 лице, додека во самото Министерство за образование 234. И здравството апсорбира голем број на вработени, 19 428 додека во Министерството за здравство во државна служба се вработени 118 лица.
Министерството за култура вработува 132 административци додека секторот култура опфаќа 3 409 вработени а во Министерството за труд и социјална политика лани работеле 243 лица а јавните установи под овој ресор 7 041. Во Министерството за правда работат 205 луѓе додека во секторот правда се вработени 931 лице. Министерството за земјоделство вработува 1 005 лица, Министерството за одбрана 687, Министерството за финансии 575 а во Министерството за политички систем се вработени 390 лица. Во МНР работат 258 луѓе, останатите ресори се со помалку од 250 вработени.
Во инспекторатите, заедно со даночните и царинските службеници и инспектори ( органи во состав на министерства) вработени се 4 284 лица. Од нив 1 223 во Царинската управа, 1 008 во УЈП, во Управата за водење на матични книги работат 466 луѓе а во Државниот пазарен инспекторат лани работеле 262 инспектори а во државниот инспекторат за труд 203.
Во агенциите и дирекциите основани од државата со статус на самостојни органи се вработени 3 360 луѓе. Најголем број 785 работат во Агенцијата за катастар, во Агенцијата за храна има 362, во Центарот за управување со кризи има 342 вработени, во Државниот архив 275 а во Дирекцијата за спасување 255 вработени. Во останатите институции од оваа група има помалку од 230 вработени.
Вработени во правосудство…
Во правосудните институции во земјава лани имало 2 613 вработени. Од нив, 2.182 се вработени во судовите, 390 во јавните обвинителства, 8 во Советот на јавни обвинители и 33 во Судскиот совет.
Новиот Извештај од регистарот на вработени во јавниот сектор за 2022 година покажува дека само во судовите во земјава се вработени 2 181 лица а најголем број вработени имал скопскиот Основен граѓански суд 249 и Основниот кривичен суд со 290 вработени, следуваат Основниот суд Тетово со 124, Апелациониот суд со 120 вработени и основниот суд Куманово со 114 вработени. Останатите судови се со помалку од 100 вработени. Во сите обвинителства лани биле вработени 390 лица.
Анализа на Порталб