Во Австрија од вчера, односно од 1 мај драстично се зголемени казните за одредени сообраќајни прекршоци на патиштата во однос на претходните.
Така, наместо досегашните 50 евра, казната за користење мобилен телефон при возењее изнесува 100 евра. Доколку не ја платите казната на лице место, ќе треба да платите 140 евра подоцна по пријавувањето на сообраќајниот прекршок.
Австрискиот министер за транспорт Леоноре Гевеслер смета дека одлуката на сојузната влада да го удвои износот на казната ќе има превентивна цел и ќе придонесе за развој на свеста кај возачите за опасноста од забранетата употреба на мобилни телефони за време на возењето и ќе донесе поголема безбедност на патиштата.
Инаку, користењето мобилен телефон при возење се смета за еден од најопасните прекршоци во сообраќајот, а експертите тврдат дека тоа е најчеста причина за сообраќајни незгоди.
Минатата година 130.540 возачи се казнети поради недозволена употреба на мобилни телефони при возење.
Исто така, од вчера е зголемена и висината на казната за непочитување на прописите за задолжително носење појас при возење.
Казната е зголемена од досегашните 35 евра на 50 евра, а исто толку е и паричната казна за прекршокот од неносење задолжителен заштитен шлем при возење мотор.
Оној што нема да ја плати казната на лице место за неносење појас, потоа ќе треба да плати двојно повеќе, односно 100 евра, наместо 50 евра во прекршочната постапка.
Извор: nezavisen.mk