Во моментов се наоѓам во Женева, на форумот „2030”, во организација на Светската Трговска Организација (WTO). Покрај интересните теми и отворени разговори, околу движењата и промените на светските трговски трендови, што можеа да се слушнат тука, имав можност и да се запознам со многу интересни и влијателни личности од јавниот, приватниот (бизнис) и невладиниот сектор. Во едно од тие дружења, се запознав со две госпоѓи од Велика Британија кои работат, едната во Британската асоцијација за извоз, а другата во асоцијацијата на осигурителни компании. Со нив, покрај можноста да направиме разговор околу теми поврзани со светските трговски трендови, имавме можност да разговараме и за секојдневни, животни, политичко-социјални теми кои ги засегаат двете држави.
Нормално, како една тема на разговор беше и BREXIT, за која они имаа многу што да си кажат една на друга. Но, најинтересна беше нивната реакција кога им кажав дека знам нешто околу таа тема, дека народот е поделен околу излегување или останување во ЕУ, но дека нешто повеќе, баш не знам. Им кажав дека тоа е најмногу поради тоа што живеам во медиумски мрак, како на домашно така и на светско ниво. Дека дома, немам телевизор, не читам весници, социјални медиуми или што било друго што може да ми влијае на мојот мир. Беа многу зачудени и им беше нејасно како толку малку се интересирам за дневно-политичките состојби во светот. Интересно беше тоа што едната дури ме праша дали немам телевизор поради тоа што немаме телевизори или дека тоа е мој личен избор!
Во однос на медиумската изолираност, мое верување е (а и така викаат истражувањата) дека опкружувањето директно влијае на нас и на нашето лично однесување. Сите негативни вести, информации, слики и влијанија, што претставуваат 99 % од она што се пласира во медиумите, не може, а да не влијае негативно на нас самите. Живеејќи во такво опкружување, многу е тешко да се исклучите од сè она што се случува, локално и глобално, и да си го задржите мирот. Истражувањата велат дека, не е исто ако гледате во природа, дрвја, езеро или море, или ако гледате војни, смрт, крв, закани и човечки несреќи.
Затоа, седејќи овде покрај обалата на Женевското Езеро, опкружен од природните убавини на овој регион, со овој неделен совет сакам да ве поттикнам да одморите малку од секојдневните негативни стрели кои ве опкружуваат, и малку да поуживате во убавините што ги нуди природата. Излезете во парк, на планина, надвор од градот или едноставно гледајте во облаците. Светот нема да ви побегне, ако малку се исклучите од телевизорот, весникот или Интернетот.
Со успех во промените,
Петар Лазаров
Член на тимот
МАКЕДОНИЈА-ЕКСПОРТ Консалтинг
Доколку сакате текстовите да ги добивате на Вашиот е-пошта или мислите дека некои Ваши колеги, соработници и пријатели треба да ги добиваат овие текстови, испратете ни ја/ги на tow@macedonia-export.com