Вработените во Државниот испитен центар остануваат во штрајк, матурата виси. Нема договор за нивните барања за покачување на платите, а двете средби изминатиот период со претставници на министерството за образование и наука и министерството за финансии завршија безуспешно.
Од ДИЦ денеска со нови обвинувања дека дел од средствата наменети за нивно функционирање сега се пренаменети за зголемување на платите на функционерите.
Додаваат дека сите рокови за државната матура се истечени и е речиси невозможно да се запазат предвидените датуми.
Штрајкот на Државниот испитен центар влегува во трета недела. Тие на 24 април известија дека почнуваат штрајк оти 11 од вкупно 29 вработени кои се на различни позиции се изедначени и земат минимална плата од 20.000 денари. Синдикалната организација на Државниот испитен центар најави дека ќе штрајкуваат се додека не добијат согласност од Министерството за финансии за покачување на платите.