Во многу македонски села недостигаат доста работи за пристоен и убав живот.
Проблем се инфраструктурата, сообраќајните врски, пристапот до здравствената заштита, училиштата кои се во лоша состојба и слично. Лилјана Јоноски од Рурална коалиција од Кичево вели дека македонските села се далеку од словенечките или австриските кои изгледаат како да се од разгледница. Ова го темели на фактот дека повеќе од 15 години се движат, работат во македонските села и знаат каква е состојбата. Во руралните средини во земјава има многу проблеми кои треба да бидат решени.
„Првиот и најголем проблем е што за жал во поодалечените села ние сè уште немаме лесно проодни патишта за да стигнеме до нив. Асфалтот или поплочувањето се реткост, а во никој случај не може да говориме за канализација како еден од основните услови за непречен живот коjшто ние ги имаме во градовите. За жал многу руралните места немаат сопствена канализација, а Општина Старо Нагоричане иако е речиси споена со Општина Куманово и важи за туристичка дестинација, не располага со канализација. Понатаму кога сме сè уште кај инфраструктурата, речиси ниедна рурална област или село во нашата држава нема Детален Урбанистички План донесен, одобрен од страна на општината. Тоа конкретно многу ги отежнува и инвестициите, за секоја финансиска поддршка било да е од општината, било да е преку ИПАРД или друга програма за финансиска поддршка во руралниот развој или во развојот на руралниот туризам. Ова е навистина голем проблем кога станува збор за инвестирање во руралните средини, па така дури и некој да се охрабри да инвестира тоа нема да може да го направи поради административните пречки. За јавен превоз не може ни да говориме, нема јавно осветлување или пак истото е премногу слабо и во никој случај не е безбедно навечер за движење на жени или деца, пак ќе напоменам особено во поодалечените села од градот“, вели Јоноски.
Додава дека во согласност со последниот извештај на Светска банка за зелениот развој во земјоделството, само 78 отсто од руралните средини се покриени со Интернет врска. Тоа ги спречува нашите граѓани да бидат „дигитални номади“, односно да работат од било кое место.
„Понатаму пристап до социјални и здравствени услуги речиси и да немаме ни во руралните општини, на пример во Пласница, доктор доаѓа само еднаш во неделата и тоа општ лекар, а Старо Нагоричане ниту има лекар ниту амбуланта. Институциите ги има само по градовите, па така нема подрачни единици на центри за социјална заштита или пак на пример институции кои што се директно поврзани со земјоделското производство и руралниот развој, како на пример на Министерството за земјоделство, Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој итн. Економската активност особено на жените изнесува само 38 отсто, а вработувањето е минимално затоа што нема градинки, нема кој да им ги чува децата, па така одбираат да останат дома и да ги чуваат децата и да се грижат за повозрасните членови на семејството. Културен и социјален живот, спортски објекти или терени се исто така реткост. Сите овие причини за жал придонесуваат кај нас да не се атрактивни места селата за живеење и развој“, објаснува Јоноски.
Повеќе од 420 населени места во Македонија имаат изгубено повеќе од половина од своето население последниве дваесет години, покажуваат новите податоци од Пописот 2021 кои ги објави Државниот завод за статистика. 205 населени места немаат ниту еден жител, а 218 имаат помалку од 10 жители. Имаме внатрешни миграции од село во град, но и обратно од град во село.
ЕВРОПСКИТЕ СЕЛА СЕ ДАЛЕКУ ПОМОДЕРНИ, НО ТАМОШНИТЕ ГРАЃАНИ ИМААТ ПОВИСОКИ ОЧЕКУВАЊА
Според пишувањата на странските медиуми, во Италија и Шпанија има голем број напуштени села. Се смета дека само во Шпанија има 2.900 вакви села. Дури и онаму каде има солидни услови за живот, граѓаните имаат барања за тоа што треба да се подобри.
Kристина Корцето од италијанскиот град Џенова сега живее на село и генерално е задоволна. Сепак, признава дека во селата има малку жители.
„Живеам во село без железница и има автобус трипати на ден. Имаме мал бар, пекарница и месарница. Преку лето се отвораат киосци со кои управуваат непрофитни организации. Во селата, сепак, се живее добро. Во денешно време луѓето одат на работа во градовите со автомобили, а бројот на жители се намалува. Моите родители живееја во село со малку семејства. Во сите куќи имаше околу 50 луѓе, а многумина емигрирале во Америка. Во 90-те само еден наш братучед остана да живее на село“, раскажува Корцето.
Во Франција има села кои се урбанизирани, имаат фризерници, пекари, сали за спорт, но француските граѓани имаат поголеми очекувања и не сакаат нивните села да бидат испразнети.
„Франција доживеа опустошување на селата во корист на големите градови. Има проблеми да се обезбеди лекар, аптека, одредени затворени клиники во руралните средини, а жените пред породување мораат да патуваат со километри. Мислам дека тоа е вечниот проблем или волјата на власта помалку да се вклучи во решавањето на овие проблеми. Приватизираа сè, јавниот сервис е редок, мислам дека следната влада ќе ја има оваа задача да ги национализира овие болници“, вели Серџ Барсалобре од Франција.
Maгдалена Фрост од Полска објаснува дека и кај нив има села каде недостигаат многу работи.
„Имаме некои села каде што нема автобуси, нема училишта. Граѓаните не можат да стигнат до поголеми места или градови ако немаат автомобил. Но, многу мали села добиваат пари од проектите на ЕУ, има луѓе кои ги прават овие проекти. Луѓето од малите села со помош на проектите можат да учат, да посетуваат одлични места, можат да направат нешто ново. Сега многу луѓе од селата се собираат и се среќаваат за да готват, пеат, танцуваат или учат заедно. Некои проекти ги плаќа ЕУ, а некои општинските власти“, рече Фрост.
Во 2021 година според Евростат, 25.2 отсто од населението во Европската Унија (ЕУ) живеело во рурални средини.