Дожд и пониски температури од вообичаеното имаме перидов и ова не им оди во прилог на земјоделците. Дел од земјоделската работа на македонските полиња ќе биде одложена.
Агрономот Радован Шкиљевиќ објаснува дека поради неповолните временски услови, болести ќе ги нападнат житариците и лозјата, на кои треба да им се обрне повеќе внимание и нив земјоделците треба да ги заштитат со соодветни препарати.
„Се развиваат болести кај житата, а поради големи количини на дожд и ветер имаме полегнување на житариците. Лозјата при вакви услови се склони на болести и треба да се заштитат. Ќе има одлагање на земјоделската работа на отворено, садење на пипер и други култури. Далеку сме од тоа да кажеме дека оваа година ќе биде погодна за земјоделството. Вакво време не сме имале последниве години“, вели агрономот.
Тој објаснува дека поради временските услови, но и поради тоа што нема да има засејување на облаци за заштита од град, поради тоа што не се набавени реагенси поради војната во Украина, родот годинава веројатно нема да има добри резултати.
До четврток времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а во попладневните часови ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. На некои места процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме, проследени со пороен дожд, грмежи, силен ветер и услови за изолирана појава на град. Во петок и сабота ќе преовладува претежно сончево време, а од недела повторно се очекува дестабилизирање. Метеорологот Славчо Попоски веќе најави дека во јуни ќе имаме почести врнежи, а можни се и временски непогоди. Во регионот деновиве има поплави. Лани во есен имавме невообичаено топло време.
Целиот текст прочитајте го на: faktor.mk