„Ве молиме почекајте, сите оператори се зафатени“. Ова е пораката која осум пати се уфрла во инструменталната изведба на гитара, во време од седум минути. Потоа, линијата се прекинува. Затоа и постои опцијата redial.
Закажувањето термин за вадење лични исправи, периодов не е едноставно. Документите за идентификација на граѓаните со ознаката Република Македонија мора да се заменат до февруари идната година, па веројатно веќе има притисок врз матичните служби, кои за овие услуги оперираат со нови, повисоки цени, кои надлежните ги сервираа во март.
„Ем е скапо, ем нема термини“, се реакциите на лицата кои се обидуваат да ја започнат процедурата за пасош. На пример, на 10 мај странката добила датум за фотографирање на 22 јуни, а наредниот слободен термин бил 15 јули. За редовна постапка. Поскапата варијанта, односно таканаречената брза постапка е достапна – од денес за утре. Оттаму и негодувањата дека состојбата се користи за да се извлечат што повеќе пари од граѓаните.
Разликата во цената е огромна. Две илјади денари наспроти 6.100 денари. Претходно, се работеше за износи – во редовна постапка од 1.500 за лица над 27 години и 4.500 денари на брзата „лента“. Зголемувањето е за 500, односно за 1.600 денари.
Освен патните исправи, чија цена од 1.500 денари останува иста само за оние до 27 години, документите, кои согласно Преспанскиот договор, треба да го имаат обележјето Република Северна Македонија, се вадат според ценовникот: замена на лична карта – 310 денари (претходно 190 денари); возачка дозвола – 410 денари (стара цена 280 денари).
Исто така, поскапо чини и добивањето возачка дозвола по итна постапка, 1.230 денари по извршената корекција со дополнителни 390 денари.
Промената е задолжителна, што значи секој треба да издвои дополнителни средства за да одговори на обврската.
Основа за поскапувањето, според МВР, се повисоките набавни цени на увезените обрасци и зголемените трошоци за одржување на системот што е задача на странски економски оператор. Кон тоа се додава и замената на дотраените со набавка на нови машини за персонализација.
Цените на репроматеријалите за изработка на личните документи се повисоки за 90 насто, посочи министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Со оглед на тој процент, смета дека на граѓаните не им се наметнати многу високи цени. Исто така, вели, треба да се има предвид дека се утврдени два вида цени: младите до 27 години кои пасошите ги менуваат на пет години се поштедени од поскапувањето, а сите други документот е со важност од 10 години. Оттаму и неговиот заклучок дека зголемувањето е „незначително“.
Што се однесува до регистарските таблички, се чини во овој дел граѓаните ќе поминат подобро, кога се работи за трошоците. Проблемот ќе се реши со налепници.
„Со ставањето налепница на регистарските таблици, според информацијата од МВР, во целост се почитува обврската за ознаката на новиот код на Република Северна Македонија на регистарските таблици на возилата, од една страна, а од друга страна, финансиските издатоци за ова решение се речиси неспоредливи со износот потребен за замена на регистарските таблици со нови“, наведено е во владиното соопштение.
Исто така, се дополнува дека поставувањето налепници со ознаката „НМК“ ќе претставува олеснување и за транспортерите кои патуваат во ЕУ. Конкретно, како што велат од Владата – ќе бидат заштитени од потребата за промени во целокупната документација во државите членки на ЕУ, што ќе се појави како потреба, доколку постојните таблички ги сменат со нови.
Сега е на потег МВР, каде што треба да се изработи се што е во врска со оваа промена, што значи и цената на налепниците. Тогаш ќе може и да се утврди колку ќариле сопствениците на возилата. Актуелните цени се 1.200 денари за промена на табличките, 200 денари за промена на сообраќајната дозвола и 110 денари административна такса.