Граѓаните, поучени од ланската година кога поради кризата со енергенсите цената на пелетите и огревното дрво постојано растеше, уште од овој месец почнаа да купуваат пелети и огревно дрво. Цените во однос на ланските се пониски. Се движат меѓу 250 и 300 денари, но не се знае какви ќе бидат пред грејната сезона, велат продавачите на овој вид огрев.
– Лани цените на пелетите и на дрвото растеа уште од летото. Веќе во јуни цената на пелетите двојно порасна и од 160 денари се продаваа за 370 до 400 денари. Есента беа и поскапи и ги немаше, па моравме да се снаоѓаме. Годинава се одлучив многу порано да се обезбедам за зима, а некако и сезоната на греење поради ладново време се одолжи. Цената е пониска од лани, но и натаму е висока. Бидејќи не се знае каква ќе биде пред грејната сезона, добра е и оваа од 250 до 280 денари. Се рекламираат и босански пелети за цена од 13.650 денари за тон. Ќе разгледам добро пред да купам – вели граѓанин кој се грее на пелети.
Според трговците со пелети, сегашните цени може да се рече дека се пролетни и имаат за цел да ги стимулираат потрошувачите да набават ваков вид огревно дрво сега, доколку имаат можност. Се очекува нивната цена да биде повисока во втората половина од годината и пред почетокот на следната грејна сезона.
Од Пелет центарот во Ѓорче Петров велат дека за разлика од лани годинава има поголема побарувачка на пелети.
– Во однос на истиот период лани, побарувачката е поголема. Граѓаните купуваат поголеми количини, што упатува дека се подготвуваат за зимската сезона. Засега имаме доволни количини резерва, но не знаеме како ќе биде натаму. Ако имаат количини домашните производители и ние ќе имаме. Нудиме и увозна пелети од Црна Гора. Цената моментално се движи од 250 до 275 денари – велат од Пелет центарот.