Купувањето на нов стан е една од најзначајните одлуки во животот, но дали сте се запрашале кои се основните карактеристики на еден просечен стан во Скопје?
Средната големина на становите, бројот на собите, атрактивноста на локациите за градење, вредноста на станбениот квадрат и предностите на населбата во која се наоѓа станот се некои од најзначајните податоци кои можат да ви помогнат при купувањето на нов дом од соништата во македонската метропола.
Во поглед на големината на становите, инвеститорите во недвижности во изминативе пет години биле насочени првенствено кон изградба на двособни и трисобни станови. Просечната површина на еден македонски стан изнесувала 82,9 метри квадратни. На национално ниво, новите станови изградени од деловни субјекти се простирале во просек на 59,9 метри квадратни. Станбениот простор во главниот град не заостанува, па за очекување е дека највисока вредност за метар квадратен во главниот град ќе имаат токму оние станови со две или три соби.
Без разлика дали е во прашање изградба на куќа или купување на стан, вложувањето во нови недвижности од овој вид е сконцентрирано во Скопскиот регион. Ланската понуда и побарувачка на станбени површини во македонската метропола покажува дека апсолутен лидер во изградбата на нови станови е Општина Аеродром.
Голем број луѓе го сакаат живеењето во овој дел на Скопје поради тоа што грото од населбите се плански градени по земјотресот. Урамнотежената распределба на зеленило, паркинзи за автомобили и станбени згради ја издигнуваат оваа општина високо на листата на атрактивност. Близината и бројноста на градинките, училиштата, спортските терени и трговските центри им овозможуваат на жителите да ги задоволат своите секојдневни потреби. Пристапот до централното градско подрачје е решен со бројни автобуски линии, а на територијата на Општина Аеродром се наоѓа и Транспортниот центар-Скопје.
Втори на листата на атрактивност се становите во Општина Карпош. Граѓаните покажуваат интерес за живеење таму најмногу поради мирната и спокојна средина која сепак е блиску до централното градско подрачје. Вреди да се спомене близината на Градскиот парк и бесплатниот јавен паркинг на територијата на целата општина. Веднаш по земјотресот од 1963 година, во населбите од Општина Карпош плански се издигнати образовни и спортски објекти, заедно со театар, кино сала и трговски центри. Сите автобуски линии што транзитираат во правец исток-запад минуваат токму низ населбите од оваа општина.
Ако се вреднуваат становите во главниот град според нивната цена, тогаш центарот останува и понатаму најпривлечна за живеење. Завршувањето на обврските во најкус можен рок е возможно единствено ако живеете во срцето на градот. На купувачите на станови центарот им е привлечен поради продавниците коишто работат 24/7, но и огромниот број на кафе-барови, ноќни клубови и ресторани за излегување во вечерните часови. Купувањето на ново живеалиште во централното градско подрачје овозможува лесна достапност до културно-уметнички содржини во текот на неделата, но и сигурен закуп со добра заработувачка на самиот стан во текот на наредните децении.