Министерот за здравство очекува од јануари наредната година да функционира еден клинички центар, најверојатно со еден генерален директор, со што би се укинале организациските директори на одделните клиники.
– Од првиот ден работам напорно за овој проблем и тој проблем ми е најгорливата мака што сакам да го решам како кабинет, како Министерство да го решиме, еднаш засекогаш да се постават работите како што треба на Клинички и да функционира многу полесно, поадекватно и поефективно да биде. Информацијата е готова, во договор со ФЗОМ, значи почетокот на годината после новата година и сите пресметки се прават, тогаш и најверојатно се очекува. Значи од 1 јануари 2024 да почне да функционира еден клинички центар со генерален директор или како ќе бидат модалитетите за тоа ќе се договориме – одговори министерот на новинарско прашање, по презентацијата на дигиталната платформа „Мое здравје“.
Тој истакна дека целта е пациентите да добиваат подобра здравствена услуга, а и здравствените работници да функционираат полесно.
На новинарско прашање дали тоа значи дека ќе се укинат организациските, или познати и како економски директори, тој одговори потврдно.
Министерот смета дека тогаш ќе се набавуваат работите количествено и со поевтина цена и ќе има подобра соработка меѓу клиниките.