Електричарите и водоводџиите се толку многу ретки видови на мајстори во земјава, па можеме слободно да ги наречеме „ендемски“ видови кои заслужуваат да бидат заштитени со закон. Вака дел од граѓаните на шега ја коментираат состојбата со недостигот на квалитетна занаетчиска работна сила во којашто длабоко е западната Македонија, а додаваат и дека постојано „се молат да не им се случи некаков дефект во домот, оти пронаоѓањето квалитетен и евтин мајстор е најтешкиот дел од работата“.
Според објавите на социјалните мрежи и на форумите, граѓаните тврдат дека цените на услугите кај најголемиот дел занаетчии во последнава година се повисоки за најмалку 30 проценти. Оние занаетчии кои со текот на годините стекнале име, пак, наплаќаат и повисоки цени, но поголемиот проблем е тоа што тие постојано се презафатени и немаат време да постигнат за да ги услужат сите муштерии.
-Ми се расипа болјерот, па наместо да го поправам, решив да си купам нов. Но, и за самото монтирање на новиот бојлер ми беше потребен мајстор. Се распрашав по пријатели и ми препорачаа добар водоводџија кој за монтажата на бојлерот ми наплати 5.000 денари. На крајот излезе дека само за работна рака платив нешто помалку од целата сума на новиот бојлер – раскажува жител на скопската населба Даме Груев.
Друг, пак, вели дека само за замена на вентилот и инсталација на ново казанче во бањата платил 2.000 денари, а мајсторот го чекал цели три недели.
-Скоро 20 дена живеевме без функционално купатило поради тоа што казанчето беше расипано и не можев да најдам мајстор за да го замени. Деловите и новото казанче веќе ми беа купени, но морав да го чекам презафатениот мајстор да пронајде време за да ме услужи. Кога конечно пристигна, работата ја заврши за нецели 20 минути, а ми наплати 2.000 денари – вели жител на населбата Карпош.
Контактиравме дел од занаетчии коишто се огласуваат на социјалните мрежи и успеавме да ги дознаеме цените на услугите:
-Демонтирање (корнење) на плочки чини околу 250 денари по квадратен метар.
-Монтирање (лепење) нови плочки чини 500 денари за квадратен метар.
-Поставување надворешна водоводна инсталација во тоалет чини околу 10.000 денари.
-Монтирање туш-кабина чини од 2.500 до 6.000 денари.
-Монтажа на бојлер чини од 1.500 до 5.000 денари.
Ако ви треба столар, на пример, тогаш работната рака се пресметува според вредноста на материјалот и се движи од 70 до 80 отсто од вредноста. Колку за споредба, до пред неколку години столарите наплаќаа 50 отсто од вредноста на материјалот.
Цената на услугата на монтерите на клима уреди, пак, зависи од периодот на годината и од побарувачката. За монтажа на клима уред потребно е да издвоите до 5.000 денари, додека претходно монтажите чинеа помалку од 3.000 денари.
Од Занаетчиската комора велат дека секој занаетчија сам си ја утврдува цената на својата услуга и дека тие немаат податок за тоа колку точно се поскапени услугите на занаетчиите во последната година.
Извор: denar.mk