Доцни исплатата на породилните отсуства, боледувања и грижата за туѓа нега. Мајките на социјалните мрежи реагираат - 2 месеци државата ги остави без пари за пелени и млеко.
Институциите пак си ја префрлаат одговорноста, иако официјален став нема ни од финансии, ни од Фондот за здравство. Едните велат - парите треба да ги пушти Трезорот во министерството, а од финансии враќаат - во трезор не стојат налози. Штом стигнат, почнува исплатата.
Каде е проблемот и колку пари месечно има за оваа намена - нема одговор. Службите не работеле за викенд. јавува СИТЕЛ
Неофицијално се зборува за две верзии – првата е дека во буџетот нема пари за зголемените плати на функционерите, па се кратело од секаде од каде што се можело. Затоа пари биле повлечени и од фондовската сметка. Втората верзија е дека сајтот на финансии бил хакиран, но министерот Бесими нападот го отфрли како шпекулација.
Тој во гостување на Телма вели дека Трезорот функционира беспрекорно, 24/7, сите системи функционираат, но се прават понекогаш проверки. Сепак трезорот е безбеден во однос на базата на податоци, изјави Бесими.
Инаку мајките кои се на породилно отсуство исплата добиваат во три групи, околу 10-ти, од 13 до 15-ти и од 23 до 25 последната, трета група.
Доцнење имаше и на почетокот на годината - кога беше хакиран сајтот на Фондот за здравствено одигурување.
Инаку месечно околу 10% од парите на Фондот одат за исплата за оваа намена.