Ако ги следиме податоците од Евростат, објавени од претходните години, тие покажуваат дека третина од македонските граѓани не можат ниту еднаш месечно да излезат на ручек во ресторан.
Статистиките покажуваат дека угостителските услуги поскапеле. Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на цените на угостителските услуги во април 2023 година, во споредба со март 2023 година, е зголемен за 2.6 отсто. Споредено по групи на услуги, зголемување е забележано кај храната за 3 отсто, алкохолни пијалаци за 1.6 отсто, безалкохолни пијалаци за 2.8 отсто и ноќевања за 1.5 отсто. Индексот на цените на угостителските услуги во април 2023 година, во однос на истиот месец од претходната година е зголемен за 12.3 отсто. Ги праваме граѓаните дали и колку често одат на ручек во ресторан.
„Тешко. Јас не одам во ресторан или тоа се случува многу ретко. Имам мали примања, да ги платам сметките, да ја одржувам куќата и за друго нема пари“, вели Драгица Петковска, граѓанка.
Некои признаваат дека не можат да си дозволат, а некои можат, но тоа го прават ретко.
„Еднаш месечно може и одиме кога сме слободни, кога немаме работа“, рече Аница Стојковска, граѓанка.
Повозрасните велат дека младите се чести гости во рестораните, но тоа не е случај со нив.
„Можам да си дозволам, сопругот зема пензија од 23.000 денари. Ако сакаме, можеме да си дозволиме ручек во ресторан, да скратиме од нешто друго. Младите често одат во угостителски објекти, а ние поретко. Во зградата имам и соседи кои имаат примања по 30.000 денари, не е дека не можат да си дозволат барем еднаш да ручаат надвор, но ретко го практикуваат тоа“, додава Драгана Илиевска, граѓанка.
Насер Хавзија од Здружението кулинарија ХоРеКа вели дека за дел од населението одењето на ручек во ресторан е луксуз.
„Има луѓе за кои ручек во ресторан е луксуз. Има сиромаштија, точно е, но тоа не е во толку големи размери како што се зборува. Ручек во ресторан не можат да си дозволат луѓето со мали плати, невработените, оние кои живеат од социјална помош“, рече Хавзија.
Скоро 452.000 граѓани живееле под прагот на сиромаштија во 2020 година во Македонија. Стапката на сиромашни лица е 21.8 отсто. Пред повеќе од една деценија, стапката на сиромаштија изнесуваше 30 отсто.
Билјана Дуковска од Македонска платформа против сиромаштија вели дека не е изненадена што за третина од населението, ручек во ресторан еднаш месечно е луксуз, затоа што таква е состојбата одамна.
„За објаснување, кои се тие луѓе, според последните објавени информации на Државниот завод за статистика, за 2020 година, скоро 452 илјади граѓани на Република Северна Македонија живеат под прагот на сиромаштија, што значи дека тие не можат да си обезбедат ниту основни услови за живот. Кога на оваа бројка ќе се надополнат и луѓето кои живеат во семејства со низок интензитет на работа и оние кои искусуваат тешка материјална депривација, тогаш зборуваме за бројка поголема од третина од населението кое има искуство со сиромаштија, не само во 2020-та туку и годините наназад. Тоа е групата која никогаш не е дел од социјални активности, а има проблеми и со доволно затоплување и ладење на домот, справување со неочекувани трошоци, обнова на домовите, итн. Подобрување на состојбата нема, има минимални статистички варијации од година во година, но во реалност тоа не значи ништо, туку напротив кога зборувате со граѓаните тие велат дека ситуацијата е многу лоша, скусиле од сè што можеле, штедат максимално и повторно немаат доволно да го поминат месецот. Овие разговори доаѓаат и од граѓани кои имаат и стабилни месечни приходи, односно некогаш и со две пензии, или две плати, не се успева да се направи ништо повеќе од обезбедување на најосновните работи за живот. Да, за сите нив одењето во ресторан е луксуз, исто како и превентивната грижа за здравје, квалитетната храна и културните случувања“, рече Дуковска.
Според Евростат, за разлика од Македонците, во Европа има многу земји каде само неколку проценти од населението не може да си дозволи еднаш месечно да излезе на ручек во ресторан.
Извор: faktor.mk