Шведскиот давател на аудио стриминг и медиумски услуги Spotify денеска објави дека ќе отпушти околу 200 луѓе, или два отсто од својата работна сила, бидејќи планира да ја реорганизира својата единица за подкаст.
Потпретседателот на компанијата и шеф на делот за подкаст, Сахар Елхабаши, во меморандум рече дека оние кои ќе бидат отпуштени ќе добијат пакети за отпремнина, вклучувајќи проширена здравствена заштита и непосреден пристап до поддршка за вработување, пренесува АП.
Елхабаши исто така рече дека компанијата од Стокхолм ќе ги комбинира подкаст мрежите Parcast и Gimlet во рамките на делот за подкасти „Spotify Studios“.
- Со овие промени ќе го забрзаме следното поглавје за подкасти на „Спотифај“, кое носи силни иновации за корисниците, успешна монетизација и поширока публика за креаторите, рече Елхабаши.
Акциите на компанијата пораснаа за речиси 3 отсто во попладневното тргување и накратко поставија максимум во последните 52 недели.
Во јануари „Спотифај“ објави дека укинува шест отсто од своите работни места на глобално ниво, или околу 600 работни места.
Извор: faktor.mk