Како што се наближува „најозлогласениот“ датум за пушачите на цигари – 1 јули, така расте и љубопитноста кај граѓаните кои се интересираат за колку пари ќе поскапи тутунот и која ќе биде новата цена на нивните омилени цигари.
Познато е дека од 1 јули 2020 година, заклучно со 1 јули 2023 година, износот на специфичната и на минималната акциза на цигарите секоја година се зголемува за 0,20 денари по парче, а тоа значи дека и годинава ќе има ново поскапување на кутиите со цигари за најмалку 5 денари.
Според последните истражувања, околу 40 проценти од населението во земјава се пушачи, но и со последните поскапувања, Македонија има релативно најевтини цигари во регионот.
Во Хрватска, на пример, веќе нема цигари поевтини од 2,60 евра, а некои се продаваат и за 4 евра. Поскапување од 1,5 проценти на цигарите има и во Бугарија, па оние цигари коишто досега чинеа 2,50 евра, сега чинат 7 центи повеќе.
Експертите од оваа област прогнозираат дека тутунските производи ќе продолжат да поскапуваат поради воведените повисоки акцизни стапки кои стапија на сила на почетокот на март.
Дел од граѓаните со коишто разговаравме, инаку страствени пушачи, воопшто не го кријат незадоволството од новите поскапувања на цигарите.
Дебата за тоа дали треба да поскапуваат цигарите или не, се води и на социјалната мрежа Фејсбук, па читајќи ги коментарите од корисниците, налетавме на многумина граѓани кои делат исто мислење – дека поскапувањето е одлична мерка за откажување од цигарите.
Македонија во моментов се наоѓа на 19-то место помеѓу 50-те светски лидери по производство на тутун, рангирани од Светската организација за храна и производство (ФАО).
Извор: denar.mk