Секогаш треба да бидете крајно внимателни кога пазарите прехранбени производи кои лесно и брзо се расипуваат, а особена внимателност е потребна во текот на летните месеци кога надворешната температура е висока.
Сигурно ви се случило барем еднаш во животот да купите одреден производ од продавница, а дури кога ќе пристигнете дома и кога ќе го отворите производот да сфатите дека рокот му е поминат и дека производот е расипан, скиснат.
Имате три опции. Првата опција е да го фрлите производот во корпа за отпадоци и да ги прежалите парите што сте ги дале за да го купите. Втората опција е заедно со фискалната сметка да го вратите производот во маркетот од каде што сте го купиле. И третата опција е да го пријавите случајот кај надлежните служби и да повикате инспекција кога ќе ги провери и другите производи на рафтот на маркетот.
-Влегов во локалниот маркет за да си купам кефир. Кога пристигнав дома и кога турив од кефирот во стаклена чаша, подобро никогаш да не турев. Кефирот беше скиселен, ја имаше сменето бојата и буквално вриеше. Го побарав рокот втиснат на пластичната амбалажа и сфатив дека одамна поминал. Го ставив шишето во ќеса и го вратив во маркетот. Касиерката се збуни и го повика менаџерот, а тој дрско ми одговори: Па кај ти беа очите кога го купуваше, што не гледаш рокови? Многу ме налути неговиот однос, па затоа веднаш го пријавив случајот и им ја раскажав приказната на инспекторите. Потоа излезе дека ставањето расипани производи во преден план на рафтовите всушност им била тактика на менаџерите како побрзо да се ослободат од расипаната роба – раскажува скопјанката Надица.
Инаку, од вкупно поднесените претставки годинава кои се однесуваат на безбедноста на храната, 17 се поврзани со Добрата хигиенска пракса, а 15 се промени во органолептичките својства на производите. Вкупно 14 се со наводи за сомнеж за безбедноста на производите, 13 се за присутсво на контаминенти во храната, додека 12 се за поминат рок на употреба, открива Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).
Оттаму појаснуваат дека помал е бројот на претставки кои се однесуваат на работа без одобрение на оператори со храна, измама на потрошувачи, сомнежи за труење и други наводи.
Минатата година, 226 од поднесените претставки до АХВ биле со наводи кои се однесувале на храната од неживотинско потекло, додека најмал бил бројот на претставки за безбедноста на храната од животинско потекло.