Загадувањето од шумските пожари кои со недели беснеат низ Канада, зафатија големи делови од Северна Америка, каде што се издадени предупредувања за високоризичен квалитет на воздухот за повеќе од 55 милиони луѓе.
Чадот од пожарите ги прекри големите градови во Онтарио и Квебек, вклучително и Торонто и околните области. Чадот стигна до Њујорк и Конектикат, каде што квалитетот на воздухот е класифициран како „нездрав“.
Филаделфија денеска издаде црвен аларм и ги повика жителите да останат дома. „Постарите, малите деца и бремените жени или оние со проблеми со срцето и белите дробови, може да доживеат сериозни здравствени ефекти од чадот“, рече Џејмс Гароу, портпарол на Одделот за јавно здравје во Филаделфија. „За оние кои не се сметаат за чувствителна група, бараме да избегнуваат напорни активности на отворено, како што се трчање или вежбање“, изјави Гароу за Си-Ен-Ен. „Ги замолуваме луѓето да избегнуваат непотребно време на отворено“, рече тој. „Но, ако треба да бидат надвор, треба да носат маски и да влезат внатре колку што е можно побргу“, додаде тој.
Гароу рече дека не е јасно колку долго ќе трае црвениот аларм или дали ќе биде намален. Издадени се и совети за квалитетот на воздухот за делови од Масачусетс, Њу Хемпшир, Пенсилванија, Мериленд, Вирџинија...
Јавните училишта во Њујорк и Вашингтон ги откажаа активностите на отворено поради лошиот квалитет на воздухот, пишува Си-Ен-Ен. Вашингтон моментално има индекс за квалитет на воздухот (AQI) од 182, кој се квалификува како „нездрав“.
Американската агенција за заштита на животната средина (ЕПА) го класифицира квалитетот на воздухот во поголемиот дел од североисточниот дел на САД како „нездрав“, особено за луѓето со веќе постоечки респираторни проблеми. Известувањата за квалитетот на воздухот вклучуваат голем дел од Њујорк и Конектикат. Тие исто така се протегаат на север до Бостон и на југ до Питсбург и Вашингтон.
Делови од источна Пенсилванија, Њујорк и Нова Англија се рангирани над 200 според индексот за квалитет на воздухот, што значи услови кои се „многу нездрави за секого“. Најновите сателитски снимки од американската Национална агенција за океани и атмосфера (NOAA) покажуваат уште еден густ облак од чад од ниво 6, односно оној што носи „опасен квалитет на воздухот“.
Моменталниот индекс на квалитетот на воздухот во градот Сиракуза, Њујорк е 351, што се смета за ниво 6, на кое треба да се избегнува секаква физичка активност на отворено. Тој густ чад се движи кон југ и се очекува во текот на денот да го влоши квалитетот на воздухот во Њујорк, Филаделфија и Вашингтон.
Претставниците на јавното здравство ги предупредија луѓето да не вежбаат надвор и да ја намалат изложеноста на чад што е можно повеќе бидејќи воздухот носи долгорочни ризици по здравјето. Експертите велат дека изложеноста на чад од шумски пожари може да предизвика низа здравствени проблеми.
Чадот од шумските пожари го бои воздухот во портокалово од истата причина што небото изгледа сино ако воздухот е незагаден. Имено, бојата е поврзана со видот на честичките во воздухот, нивната големина, количина и каква боја бранови должини блокираат.
Чадот од шумските пожари блокира пократки бранови должини, како жолта, зелена и сина, а само црвената и портокаловата стигнуваат до нашите очи.
Метју Адамс, професор на Универзитетот во Торонто и директор на Центарот за урбани средини, рече дека непосредните ефекти од вдишувањето на чадот од шумските пожари вклучуваат отежнато дишење, забрзан пулс, болка во градите или воспаление на очите, носот и грлото.
„Деновиве со зголемено загадување на воздухот ќе видиме зголемен број посети на болници“, изјави Адамс за Би-Би-Си. „И луѓето кои ја посетуваат болницата обично имаат веќе постоечка респираторна болест“.
Чадот од шумските пожари е исто така поврзан со сериозни, долгорочни здравствени проблеми како рак или белодробни заболувања, рече професорот Адамс, особено за луѓето кои живеат во области со чести шумски пожари.
Во Канада, сезоната на шумски пожари е поактивна од вообичаеното. Федералните власти во понеделникот предупредија дека ова лето може да ги донесе најголемите рекордни шумски пожари во Канада со прогноза за суви и топли услови за поголемиот дел од сезоната. Пожарите низ земјата веќе изгореа повеќе од 3,3 милиони хектари шуми, што е 12 пати повеќе од 10-годишниот просек за овој период од годината.
Илјадници луѓе се евакуирани низ целата земја, вклучувајќи го и Квебек, каде досега изгореа околу 200.000 хектари. Големи пожари горат и во Британска Колумбија, Алберта, Онтарио, Нова Шкотска и северозападните територии. Во моментов во Канада се активни повеќе од 400 пожари.
Извор: kanal5.com.mk