Животниот стандард, ниските плати и пензии, криминалот и корупцијата, зголемувањето на цените и инфлацијата се најголемите проблеми со кои се соочуваат македонските граѓани, покажува анкетата.
Животниот стандард, ниските плати и пензии, криминалот и корупцијата, зголемувањето на цените и инфлацијата се најголемите проблеми со кои се соочуваат македонските граѓани. Ова го покажуваат резултатите од најновата анкета на Националниот демократски институт (НДИ) којашто се фокусира на економските проблеми коишто ги загрижуваат граѓаните и бараат итно решавање. Дека државата се движи во погрешна насока сметаат 56 отсто од граѓаните, наспроти 11,1 отсто од анкетираните кои се изјасниле дека земјата се движи во правилна насока. Неутрален став имаат 31.3 отсто од испитаниците.
Корупцијата и криминалот, високите цени и инфлацијата, лошите политики на Владата, сиромаштијата, политичарите и невработеноста се главните причини поради кои повеќето испитаници сметаат дека земјата оди во погрешна насока. За 4.3 отсто од испитаниците причина е иселувањето, а 3 отсто сметаат дека тоа се преговорите со ЕУ и проблемите со Бугарија. Интеграцијата во ЕУ и отвореното прашање со Бугарија е најважен проблем со кој се соочува државата за само 6,7 отсто од граѓаните и е на петто место според анкетата, на која доминираат економските проблеми. Животниот стандард, ниските плати и пензии се на врвот на листата на најважни проблеми за 27.2 отсто од анкетираните. Анкетата е спроведена теренски на примерок од 1003 испитаници во периодот од 13 до 24 април годинава.
Економските проблеми ги мачат граѓаните
Педесет и осум проценти од анкетираните граѓани се многу загрижени за намалениот животен стандард, ниските плати и ниските пензии. Четири од десет испитаници трошат најголем дел од семејниот буџет (над 60 проценти) на храна. Речиси половина од населението (48%) велат дека често или повремено имаат тешкотии да ги платат сметките на крајот од месецот, при што граѓаните со пониско социо-економски статус (89%) и оние кои живеат во рурални населени места (53%) имаат поголеми потешкотии да ги покријат трошоците за живот.
Испитаниците се песимисти за иднината, речиси 40 проценти веруваат дека економската состојба, животниот стандард и висината на платите и пензиите ќе се влошат во наредните 12 месеци. Седум од десет анкетирани граѓани (71 отсто) ги поддржуваат партиите кои имаат дефиниран план за подобрување на економската состојба.
Извор: dw.com