Од 1 јули почнува исплатата на К-15 на работниците кој годинава изнесува 13.672 денари. Новиот износ на регресот за годишен одмор е предизвикан од растот на платите во земјава.
Законски минималниот износ на К-15 изнесува 40 отсто од основицата која се утврдува на денот на донесување на одлука за исплата, а се пресметува врз однова на просечната нето плата остварена во последните 3 месеци.
Крајниот рок за исплата на регресот е 31 декември.
Право на регрес за годишен одмор имаат сите вработени кои имаат остварено најмалку шест месеци непрекинат работен стаж кај работодавецот во тековната година, без разлика дали вработениот е пријавен во компанијата на неопределено или определено време. Работникот има право на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40 проценти од основицата. Износот на регресот се утврдува според основицата, која важи на денот на донесувањето на одлуката за исплата.
Регресот за годишен одмор е поврзан со правото на користење на годишен одмор на работникот. Ако работникот е пријавен на половина работно време, односно 20 часа неделно му следуваат најмалку 10 работни дена годишен одмор и исплата на половина износ од утврдениот регрес. Во случај кога работникот е пријавен на цело работно време, односно 40 часа неделно му следуваат најмалку 20 работни дена годишен одмор, односно најмногу 26 работни дена и исплата на целиот износ на регрес за годишен одмор.
K-15 се исплатува еднаш во текот на годината, а исплатата на регресот е задолжителна за работодавците.