Во 2004 година во нашата држава имало 1.180 акушерки, во 2022 бројот бил 237. Статистичките податоци не се комплетно точни бидејќи има акушерки кои работат на други работни места или воопшто не работат како акушерки, но во родилиштата во родилните сали во моментов работат 237 акушерки
Заминуваат поради поголема платеност и подобри услови за работа
Македонија се соочува со одлив на акушерки во земји, кои нудат подобри услови за живот и работа. Најчесто заминуваат во Германија, Хрватска, Словенија, Австралија, Нов Зеланд, но, како што вели Трајковска за МИА познава и две нејзини колешки кои работат во најтешкиот систем за работа, каде 50 проценти од породувањата се одвиваат дома, Англија.
– Најчести држави во кои има наши акушерки се Германија, Хрватска, Словенија, Австралија, Нов Зеланд, но знам и за две колешки кои работат во најтешкиот систем за работа, каде 50 проценти од породувањата се одвиваат дома, Англија. Тоа што го нудат овие земји покрај финансиската сатисфакција е и достоинството со кое ја работите професијата, ваше препознавање и признавање како професионалец, кој е соодветно едуциран да ја доведе до крај некомплицираната бременост, која е чиста физиолошка состојба во животот на жената, како и самостојно само во партнерство со жената, почитувајќи ги нејзините желби, да го изведе породувањето. Акушерките во ЕУ уживаат почит пред сѐ од гинеколозите кои растеретени од грижата за нормалните бремености, имаат доволно време своето знаење, едукација и вештини да ги посветат на комплицираните бремености и научно истражувачка дејност, нагласи Трајковска потпретседателка на Здружението на медицински сестри, техничари и акушерки, претседателка на одборот на акушерки во Комората на здравствени работници со средно, вишо и високо образование и поранешен претседател на секцијата на акушерки, во разговор за МИА.
Со неколку прашања на оваа тема, МИА се обрати и до Клиниката за гинекологија и акушерство.
– На ЈЗУ У Клиника за гинекологија и акушерство – Скопје од вкупниот број на медицински сестри и акушерки, речиси изедначен е бројот на медицински сестри и на акушерки. Факт е дека секоја година бројката на акушерки се намалува. Од вкупно 192 медицински сестри и акушерки, 92 се акушерки. Местата за акушерки се заменуваат со медицински сестри поради тоа што генерално, во државата, има недостиг од овој вид на обучен кадар. Нашата клиника е најголемо родилиште во земјава, па оттука секогаш имаме потреба од поголем број на акушерки, одговорија од Клиниката.
Оттаму рекоа дека недостигот на акушерки е поради тоа што подолг временски период во средните медицински училишта немаше паралелки за акушерки. Секако, нагласуваат, дел од причините за недостигот е одливот на кадар.
– Одливот на кадар е сеприсутен, па не е одбегната ниту категоријата акушерки. Причините зошто и акушерките заминуваат да работат во други држави веројатно се финансиски, но пред се, индивидуални. Мора да се отворат повеќе паралелки за акушерки во средните медицински училишта и да продолжат студиите за дипломирани акушерки на факултетите, нагласија од Клиниката во одговорот за МИА.