Прва општина во Скопскиот Регион со најмногу завршени станови е Аеродром. Во оваа општина во 53 градежни објекти што се градат завршени се 1 120 стана и сите се во индивидуална сопственост. Кај објекти градени од индивидуални лица најмногу завршени има во Полошкиот Регион, и тоа 1 115 стана.
Минатата година биле завршени вкупно 6 301 стан кои се градени од фирми, но и од индивидуалци, се наведува во извештаите објавени од Државниот завод за статистика (ДЗС).
Во 2022 година од фирми што се занимаваат со градежна дејност градени се вкупно 2 519 објекти, а завршени се 3 844 стана од кои 3 714 се во индивидуална сопственост. Вкупната површина на овие станови е 257 085 квадратни метри. Повеќе од половината од завршените станови во 2022 година се во Скопскиот Регион.
Според извештајот на ДЗС, по региони најмногу се градело во Скопскиот, но и во Пелагонискиот и Југозападниот Регион.
Прва општина во Скопскиот Регион со најмногу завршени станови е Аеродром. Во оваа општина во 53 градежни објекти што се градат завршени се 1 120 стана и сите се во индивидуална сопственост.
На оваа листа втора скопска општина е Гази Баба каде што има 336 завршени стана кои се во 104 градежни објекти кои се градат.
На третото место по број на завршени станови во Скопскиот Регион е Центар. Таму во 2022 година во 107 градежни објекти завршени се 218 стана.
Според извештајот на ДЗС, просечната корисна површина на завршените станови, кои се градени од градежни фирми, е 66,9 квадратни метри.
Фирмите што се занимаваат со градежна дејност, се наведува во извештајот на ДЗС, минатата година извршиле градежни работи во вредност од 30 768 214 илјади денари, од кои 14 662 217 илјади денари се за објекти во индивидуална сопственост.
Вториот извештај на Државниот завод за статистика наведува дека минатата година од индивидуални лица градени се вкупно 2 145 објекти и завршени се вкупно 2 457 станови. Вкупната површина на овие станови е 304 916 квадратни метри од кои 102 се станови во викенд-куќи со вкупна површина од 7 981 квадратни метри.
По региони, најмногу се градело во Вардарскиот Регион, потоа во Полошкиот и Скопскиот.
По број на завршени станови што се градени од индивидуални лица најмногу завршени има во Полошкиот Регион, и тоа 1 115 стана, од кои 376 се во Тетово, а 366 во Гостивар.
Во Скопскиот Регион од индивидуални лица, извештајот на ДСЗ покажува дека се завршени 458 стана. Во овој регион најинтересна за градење била Општина Илинден каде што се завршени 83 стана на површина од 8 559 квадратни метри.
Според податоците на ДЗС, во 2022 година индивидуални сопственици извршиле градежни работи во вредност од 16 896 526 илјади денари.
Просечната корисна површина на завршените станови, кои се градени од индивидуални сопственици, е 124,1 квадратни метри.
Извор: liertas.mk