Сообраќајниот метеж карактеристичен за овој период од годината кога станува збор за патување низ граничните премини и патиштата во Грција, викендов дополнително ќе се зголеми поради одржувањето на парламентарните избори.
По неуспешните избори во мај и преодната влада, викендов ќе се одржат нови избори, поточно во недела на 25 јуни. Според грчките медиуми, во сабота, недела и понеделник патарините низ земјата ќе бидат бесплатни за возачите на автомобили и мотоцикли. Ова можеби и не е толку добра вест за македонските граѓани кои заминуваат на викенд или одмор на море затоа што се очекуваат големи гужви и на самиот влез во државата и при патувањето по автопатиштата и локални патишта до посакуваните дестинации.
Причината за метежот на патиштата за време на изборите лежи во тоа што Грците гласаат во своите родни места.
Токму поради оваа причина, на туристите од Македонија им се препорачува да ги погледнат камерите во живо од граничните премини пред да патуваат и за време на патувањето, кога станува збор за најголемиот граничен премин меѓу Македонија и Грција, ГП Богородица-Евзони.
Гужвата на Евзони ќе може да ја избегнете доколку се упатите кон алтернативниот граничен премин Дојран, кој е помал, но и помалку користен во сезоната.
Колку чинат патарините низ Грција?
По преминувањето на Евзони, на околу 500 метри од границата, се наоѓа првата наплатна рампа во Грција каде патарината за моторни возила е 1,80 евра.
За оние кои возат до Лефкада на одмор, од Евзони до оваа дестинација има осум наплатни пунктови, а вкупната патарина е 14,65 евра. Од Евзони до Тасос има пет наплатни пунктови и затоа вкупната патарина чини помалку и изнесува 7,40 евра.
До Парга има седум наплатни пунктови, а патарината е 10,60 евра.
Од Евзони пак, до Крф има и седум наплатни пунктови, а цената е иста како до Парга.