Тешката и долготрајна обука, нефлексибилното работно време и подобрите можности на пазарот на труд ги одвраќаат младите од оваа некогаш елитна и добро платена професија.
На ниво на ЕУ има недостиг од 700 до 1.000 контролори на летање, призна за Politico - Фредерик Делеу, потпретседател на Меѓународната федерација на контролори на летање.
Младите не сакаат да се вклучат во оваа професија, а повеќето од нив се откажуваат кога ќе видат дека ќе поминат две до три години на специјалистичка обука. Програмата за обука, спроведена од организацијата Еуроконтрол, ги носи младите работници низ теоретска настава, работа на симулатор и дополнителна обука на аеродромот.
Секој кој сака да биде контролор на лет мора да исполнува и строги критериуми, да биде целосно здрав, со одличен вид и слух и одлично познавање на англиски и математика. Дополнително, тие не смеат да бидат постари од 27 години и мора да имаат завршено високо образование.
Во кризи, како што е големата финансиска криза од 2008 година и Ковид пандемијата, ваквите програми стагнираат и на никому не се премногу интересни, поради што има недостиг од работници. За проблемот да биде поголем, во западна Европа огромен број контролори се подготвуваат да се пензионираат одеднаш, а преостанатите работници мора да работат се повеќе и повеќе часови, поради што атрактивноста на работното место дополнително се намалува, пишува tportal.
„Не можеме да бараме од луѓето да работат 12 часа, шест или седум дена во неделата без ризик од пропуст“, додава Деле. Летово се очекува рекорден воздушен сообраќај, а голем дел од воздушниот простор на европскиот континент е затворен поради војната во Украина.
Голем проблем за ЕУ се и пазарите на Блискиот Исток, каде обучените и искусни контролори се дебело платени, а Катар, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати ги плаќаат со „суво злато“ и ги мамат со богати „пакети за преселување“.
Во моментов, ЕУ се надева дека ќе постигне напредок во технологијата за следење на воздушниот простор „од далечина“: започна пилот програма во која 15 аеродроми ќе бидат надгледувани од тимови во Литванија и Полска, но технологијата се уште е во почетна фаза.
Како што стојат работите сега, критериумите за влез во тој престижен клуб ќе треба да се олабават, а првиот чекор за идните апликации е веројатно укинување на задолжителната диплома - секој со завршено средно образование може да добие шанса да биде контролор на лет.