Сѐ помалку и помалку професионални возачи на автобуси и на камиони има во Македонија.
Првата причина поради ваквата состојба, коментираат засегнатите, е тоа што полагањето за Ц и Е категорија чини многу пари, а одзема и многу време, па не секој човек има можности и трпение да минува низ сето тоа.
Втората причина, според нив, е тоа што домашните компании и домашниот пазар не се ни споредуваат со странските компании и условите што им ги нудат странците на нашите возачи.
-Оние возачи коишто моментално се нудат на пазарот се повозрасни лица пред пензија, бидејќи целиот квалитет и младост ни замина во странство, особено во Германија и во скандинавските земји. Едноставно, не можеме ние да им го понудиме тоа што им го нудат странците. Платата за возач во Македонија е позната – едвај 1.000 евра месечно и плус некои бонуси. Но, бројките се сосема поинакви во Германија и во Шведска, на пример, каде што месечната плата на шоферите достигнува 3.000 евра па и повеќе – објаснува сопственик на компанија за камионски транспорт.
Минатата недела и Србија објави податок дека има потреба од дури 15.000 возачи, бидејќи и таму проблемот е во тоа што долго време се чека за да се полага за соодветната категорија, па за три години само 700 возачи успеале да положат за камион или за автобус.
Кадар за вработување сѐ помалку има и за домашните компании кои се занимаваат со автобуски градски или меѓуградски транспорт, бидејќи за возење автобус најпрво е потребно да се знае да се вози камион.
Извор: denar.mk