Онлајн продажбата во Македонија континуирано се зголемува.
Податоците на Народната банка велат дека во текот на ланската година има раст на продажбата на производи од домашни е-трговци кои ги купиле странци. Информациите од Нардоната банка велат дека со странски платежни картички од македонски интернет продавници е оставрен промет во висина од речиси 22 милиони евра во текот на целата 2022 година. Во просек една трансакција од странска картичка изнесувала нешто над 35 евра по нарачка. Од достапните податоци може да се забележи дека најмногу промет лани или 3,6 милиони евра се направени од картички издадени во САД.
Со забрзано темпо расте бројот на транскакции, се зголемува нивната вредност, а се отвораат и многу нови онлајн продавници. Ако се земат податоците од 2016 година може да се забележи дека странците во таа година преку онлајн шопинг потрошиле само два милиони евра во македонски интернет продавници ќе се види галопирачкиот скок во целата оваа индустрија. Вредноста на трансакциите не само што е зголемен за 10 пати туку има раст на блокот на трансакции за близу 20 пати. Податоците на Централната банка велат дека од вредноста на вкупно направените трансакции од странци кон македонски е-трговци 49% припаѓаат на иматели на платежни картички од 8 земји.
Информациите велат дека 3.6 милиони евра или 17% од вредноста на трансакциите се направени од иматели на платежни картички издадени во САД, потоа 2.2 милиони евра или 10% од Обединетото кралство и 1.7 милиони евра или 8% од Швајцарија. Потоа следат германските иматели на картички кои направиле 4%, Бугарија и Турција 3%, и Шведска и Косово 2% од вредноста на онлајн трансакциите.
Дополнително, со платежни картички на граѓани на земјава или на странци кои пазареле во онлајн продавници било да се домашни или странци потрошиле 550 милиони евра. Тоа е зголемување од цели 25 отсто во споредба со 2021 година. Вредноста на правните лица е зголемена за 32 отсто, а пак на физичките лица за 13 отсто. Позитивни се и податоците за направените онлајн трансакции лани во споредба со годината претходно. Односно, лани просечната вредност на една трансакција изнесувала нешто над две илјади денари што е зголемување за 10 отсто во однос на 2021 година. Интересно е тоа што во текот на ланската година вкупните онлајн трансакции се речиси рамномерно распределени по квартали. Само во третиот квартал се остварени 134, 5 милиони евра, додека во останатите три квартали вредноста на трансакциите се движи околу 138 милиони евра. Податоците велат дека во споредба со 2021 година најголем пораст на вредноста на трансакциите е направен во вториот квартал лани или 33,4 отсто, а пак најмал е остварен во последните три месеци од годината односно 17 отсто.
“Вредноста на вкупните онлајн трансакции во 2022 година изнесува 25% во споредба со истиот период минатата година, а очекувано е дека онлајн трансакциите кон странски е-трговци забележаа поголем пораст. Следствено на тоа, се намалува учеството на транскациите кон домашни е-трговци во вкупните онлајн трансакции. Но, остварениот пораст на вредноста на онлајн трансакциите кон домашните е-трговци во 2022 година од 18.4% во однос на 2021 година, како и зголемувањето на понудата со нови 239 интернет продажни места ни дава позитивни сигнали за домашната е-трговија, како на страната на побарувачката така и на страната на понудата“, велат од АЕТМ.
Ставот пак на властите е дека што повеќе се користат платежните картички, а со тоа во втор план се става плаќањето во кеш се намалува сивата економија која е една од најголемите маки на македонската економија.