После информацијата дека јавната администрација масовно заминува на сезонска работа додека работното место „ги чека“ многумина се запрашаа дали тоа е законски?!
Вработените во јавната администрација може да отсуствуваат од работа секоја година по четири месеци ако го искористат правото на редовен годишен одмор и неплатено отсуство. Законски, на работниците во Македонија им следува годишен одмор од најмалку 20 работни дена, кој што може да достигне 26 работни дена, а според Законот за работни односи, тие може да користат и неплатено отсуство до три месеци во една календарска година- анализира СДК
„Работникот може да отсуствува од работа без надомест на плата и придонеси од плата во случаите и под условите утврдени со колективен договор, но најдолго три месеца во текот на календарската година. За време на неплатеното отсуство на работникот му мируваат правата и обврските од работниот однос“.
Според општиот колективен договор, работникот може да користи неплатено отсуство во следните случаи: нега на член на семејството; изградба или поправка на стан или куќа; лечење на своја сметка; учество на културни и спортски приредби; учество на семинари, конгреси, конференции и сличнo; како и други случаи определени во колективниот договор на ниво на гранка.
Исто така, според општиот колективен договор, одлуката за тоа дали работникот ќе користи неплатено отсуство кое изнесува најмногу три месеци во годината, ја донесува работодавачот или лице кое е овластено од работодавачот во зависност од процесот на работа.
Но, кога државата е работодавач, неплатено отсуство им се одобрува на сите кои ќе побараат, па летово административците масовно заминуваат на сезонска работа во туристичките места од регионот.