По пауза од шест години на македонскиот пазар на осигурување живот се формира нова осигурителна компанија во која словенечки сопственици ќе вложат 4 милиони евра…
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) издаде дозвола за работа на нова осигурителна компанија „Прва живот“. Оваа компанија ќе нуди осигурување живот на нашиот осигурителен пазар. Основач и единствен сопственик на новоформираното друштво за осигурување живот е словенечкиот осигурителен холдинг ПРВА ГРУП (SKUPINA PRVA, zavararovalniski holding, d.d).
Словенечката групација е реномиран холдинг кој две децении управува со пензиски фондови во Словенија, Србија, Македонија и на Косово. Групацијата има осигурителна компанија во Словенија, а се очекува нивниот влез на нашиот осигурителен пазар да ја подобри конкурентноста во секторот и да придонесе во збогатување на понудата на производи за осигурување живот.
Во новоформираното осигурително друштво словенечката компанија вложи 4 милиони евра колку што изнесува и основачкиот капитал на „Прва живот“. Средствата се депонирани на посебна девизна сметка на централната банка, соопштуваат од АСО.
Советот на експерти на АСО на редовната седница го донесе решението за издавање дозвола со која „Прва живот“ ќе врши работи на осигурување во рамките на групата на осигурување на живот во класата 19 – осигурување на живот.
„Прва живот“ ќе започне со работа во рок од шест месеци од денот на издавање на дозволата за работа, а седиштето на компанијата ќе биде во Скопје. За извршен член на одборот на директори е именуван Предраг Милошевски.
АСО го задолжи друштвото да назначи овластен актуар во рок од два месеци од уписот на друштвото во трговскиот регистар.
„Прва живот“ ќе биде шеста компанија на македонскиот пазар за осигурување живот на кој сега работат „Кроација осигурување – живот“, „Триглав живот“, „Граве“, „Винер Лајф ВИГ“ и „Уника Лајф“.
Во првите шест месеци граѓаните во петте компании за осигурување живот вложиле над 14 милиони евра во осигурување живот.
Извор: mrt.com.mk