Веќе нема дилема, Владата прифати еден од трите предлози на Министерството за образование и наука кој се однесува на датумите за стартот и за крајот на новата учебна година. Училишните врати на сите основни и средни училишта во Македонија ќе бидат отворени на 1. септември, но учебната 2023/24 ќе заврши на 17. јуни, една недела подоцна од најрадосниот ден досега 10. Јуни. Причината за ова е убава новина, а тоа е еднонеделен пролетен распуст кој учениците и просветниот кадар ќе го користат од 29. април до 5. мај.
Дел од соговорниците на Фактор велат дека ова е навистина убава вест, додека на други пак не им се допаѓа толку многу идејата, токму поради датумот кој е утврден за крај на училишната година, а пролетниот распуст се совпаѓа со празничните велигденски денови.
-По ваквата одлука никој не соопшти дали станува збор за пролетен распуст кој секогаш ќе биде токму во овој термин. Следната година овој распуст е токму за време на велигденските празници, што значи дека и онака децата имаат слободни денови. Не знам дали таква е практиката и во Европа, односно дали пролетниот распуст се совпаѓа со велигденските празници, но за само два три дена кои во таа недела се работни, тие ќе мора да бидат во училиште до 17. јуни. Ми нема логика сето ова, но ајде да видиме, за се има прв пат, вели Лидија Т од Скопје, мајка на осмооделенка.
-За мене лично ова е одлична идеја. Мислам дека пролетните распусти и во европските земји ги прават токму во време на велигденските празници. Таа недела учениците се целосно слободни, нема расцепкани денови, одат еден ден во школо, па два дена не одат...вака барем нека се знае, таа недела цела им е слободна. Што се однесува пак до датумот 17. јуни како последен ден од учебната година, и тоа сметам дека не е некое „злосторство“. Учебната година во Европа завршува во јули. Ние некако многу „лабаво“ си ги сфаќаме работите, само се изнаоѓаат начини да се губи настава...Една година имаше бојкот, токму пред крај на учебната година, па потоа дојде пандемијата, па бомбите...Никако децата да седнат во училишните клупи како што треба. Само се бројат деновите кога фаќаат празници да не се оди во школо. Треба многу посериозно да се гледа на работите, вели Стефан М. Од Скопје, татко на средношколец.
Инаку вчера, Владата разгледа Информацијата од Министерството за образование и наука со предлозите за Календарот за организација на учебната 2023/2024 година во основните училишта и јавните средни училишта и донесе одлука во учебната 2023/2024 година учениците од основното и средното образование да имаат и пролетен распуст.
Согласно одлуката, почетокот на учебната година е 1 септември, првото полугодие треба да заврши на 29 декември 2023 година, а од 30 декември 2023 година учениците ќе користат зимски одмор, при што почетокот на второто полугодие е предвиден за 22 јануари 2024 година.
Во периодот од 29 април 2024 година, до 5 мај 2024 година, учениците ќе бидат на пролетен распуст. Учебната година ќе трае до 17-ти јуни 2024 година, а летниот одмор почнува на 18-ти јуни 2024 година и завршува на 31 август 2024 година.