И викендов невидена гужва на граничните премини со Грција, посебно на Богородица – Евзони. Најбројни се автомобилите од Македонија, Србија и Романија кои создаваат огромни колони за влез во Грција.
Според информациите на АМСМ, за влез во Грција се чека до 45 минути, но туристите кои се пред граничниот премин велат дека се чека и повеќе од час и половина за да се поминат граничните процедури и потоа да се стигне до некоја од грчките плажи.
Колони има и на граничниот премин Табановце за влез во Македонија, додека на останатите гранични премини од македонска страна, нема поголеми задржувања за влез и излез од државата.
Од АМСМ информираат дека интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. Се препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.