Ги наредила букетите со цвеќиња во гајби за продажба, седнала на едно мало пластично столче пред главниот влез во Тинекс во Лептокарија и цел ден го минува таму, чекајќи потенцијални купувачи на цвеќиња.
Станува збор за 92-годишната баба Ѓурѓа, која зиме-лете можете да ја сретнете на истото место, чекор или два од влезот на Тинексот во Карпош, веднаш спроти фонтаната - се вели во статија на објави denar.mk.
За неа не важат препораките за заштита од жештините преку лето, а не важат и препораките за заштита од студот преку зимата.
Баба Ѓурѓа, едноставно, има секојдневна задача: да продаде цвеќе за да може да ги прехрани внучињата од нејзиниот починат син.
-Ни жешко, ни тешко, никој мене за ништо не ме прашува. Имам 92 години, стара сум и болна, сѐ ме боли, ама морам да продавам цвеќиња за да се прехранам јас и моите внучиња кои ги чувам од мојот починат син. Немаат никој друг на светов, освен мене. Што да правам синко, таков е животот. И вам ви посакувам да си дочекате длабока старост, ама да не се мачите вака како мене – ни рече бабичката.
Ја прашавме дали самата ги сади и ги одгледува цвеќињата.
-Кај сум јас за садење и за одгледување цвеќиња, видете ме, едвај стојам на нозе. Другиот син ги бере од нива и ми ги носи за да ги продавам. Тука сум секој ден од рано наутро до пред стемнување. Немало ден да не продадам цвеќе. Има многу добри луѓе кои се сожалуваат и кои ми даваат дури повеќе пари отколку што навистина вредат цвеќињата. Некои ми купуваат и храна и вода – вели баба Ѓурѓа.
извор: denar.mk.