Граѓаните на Куманово постојано се изложени на бучава која ги надминува дозволените гранични вредности, покажа Годишниот извештај за квалитетот на животната средина за 2022 година, кој го објави Министертвото за животна средина и простоРно планирање (МЖСПП). Покрај во Куманово, мерења се вршат и Центрите за јавно здравје (ЦЈЗ) во Скопје, Битола, Кичево, и секаде има отстапување од дозволените вредности, но најлоша е состојбата во најсеверниот град во државата.
„Согласно обработените податоци од комунална бучава може да се заклучи дека од четирите разгледувани градови, Куманово е град со најголемо загадување од бучава. Нивото на бучава во животната средина во Куманово на сите мерни места и за сите три основни индикатори: бучава преку ден, во текот на вечерта и бучава преку ноќ, е над дозволената гранична вредност“, стои во извештајот.
Куманово е рекордер и во однос на екстремната бучава, која е повисока дури за повеќе од 50 отсто од дозволеното.
„Екстремно високо максимално ниво на бучава е измерено во пролетниот период во Куманово и изнесува 95,80 децибели, што е за 35,80 д/б над граничните вредности. Највисоката вредност во Кичево изнесува 75 д/б, во Скопје 71 д/б, додека во Битола изнесува 67,5 д/б“, покажува извештајот за 2022 година.
Максимално дозволеното ниво изнесува 60 децибели. Дневната граница во подрачје од прв степен е 40 децибели, а ноќната 50.
Мерењето на комуналната бучава во Куманово го врши Одделението по хигиена и здравствена екологија при Центарот за јавно здравје, и тоа двапати годишно во месеците април и октомври. Согласно Правилникот за локациите на мерните станици бучавата се мери на десет мерни места, кои се наоѓаат на најфреквентните сообраќајници во поширокото градско подрачје.
„Сообраќајот е најзначајниот фактор за висока атмосферска бучава во Куманово, дури ни озогласеното Скопје нема сообраќајни блокади и стоење во место како кај нас. Градежната индустрија има голем удел во подигање на нивото на бучава, но тие работат со точно определено работно време. А екстремните вредности се однесуваат на вечерните часови, кога градежниците не работат. Ни угостителските објекти не се најголемите причинители на бучава“, изјави д-р Блерта Шахини Азизи, специјализант по хигиена и здравствена екологија од ЦЈЗ Куманово.
Особено значајно и специфично за Македонија е соседството и бучавата предизвикана од друга самостојна звучна опрема, како што е бучавата од верските објекти. Во Куманово разгласите од неколкуте џамии во градот и приградските населби се пуштени на најако, па тие се проблем и за граѓаните кои само поминуваат покрај нив, а не само за оние кои живејат во нивната околина.
Врз основа на студии направени од Институтот за јавно здравје, најчесто како последица на зголемено ниво на бучава се јавува нарушување на спиењето, вознемиреност кај населението, оштетување на слухот, кардиоваскуларни проблеми и влијае на психофизичката состојба.
Во извештајот стои дека долготрајната изложеност на бучава во животната средина, пак, предизвикува сериозни здравствени проблеми кои може да бидат: акутни, хронични и со долготрајни ризици. Бучавата предизвикува замор, слабеење на концентрационите способности, губиток на волјата и расположение а бучавата преку 110 дб создава и пореметувања во органот за рамнотежа. Кај некои пациенти се опишани пореметувања на ритамот на срцето и промени на електрокардиограмот. Исто така се можни пореметувања на крвниот притисок, односно негово покачување или намалување.
Извор: sdk.mk