Во ова време секоја година малку е зголемен бројот на пациенти со стомачни болки. Најчесто поради високите температури се пијат многу ладни напитоци кои прават дисбаланс во цревната функција.
Се бањаат мали деца во куќни базенчиња и по цел ден се во вода, а потоа костимите не се пресоблекуваат и настануваат настинки на цревата – вели д-р Чолакова Дервишовска за Плус инфо.
Многу силни стомачни болки, грчеви, силна треска, температура до 39 степени, честа дијареја, нагони на повраќање… Со овие симптоми предизвикани од стомачен вирус пациентите бараат помош кај матичните лекари речиси секое лето.
Министерството за здравство често во јавноста излегува со препораки за заштита и превенција од стомачен вирус.
– За заштита и превенција од ова заболување се препорачува избегнување контакт со заболен, одржување лична хигиена, редовно миење раце, темелно миење на овошјето и зеленчукот пред консумирање, чистење и дезинфекција на површини, а особено на детските играчки – се вели во последната објава на Министерството за здравство поврзана со стомачните вируси.